Се изврши примопредавање помеѓу Николовски и сегашната вицепремиерка Грковска

од Берта Китинска
224 прегледи

Во Кабинетот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, денеска се изврши примопредавање помеѓу досегашниот вицепремиер Љупчо Николовски и сегашната вицепремиерка Славица Грковска. Николовски и упати честитки на Грковска за новата функција и ја запозна со досегашните преземени мерки во областа на борбата против корупцијата и криминалот, како и за мерките од подготвениот нов План за борба против корупција 2022.

Славица Грковска доаѓа од позиција на главен системски аналитичар во Секторот за информатичка технологија, Оддел за информатика и телекомуникации во Министерството за внатрешни работи, каде била задолжена и за процесот на дигитализација во Министерството. Исто така била CAO и HR менаџер во неколку ИТ компании. Учествувала на повеќе обуки и конференции и е поранешен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

Николовски посочи дека во изминатиот период се сработи многу и се поставија системски темели во борбата против корупцијата и криминалот. За прв пат се донесе План за борба против корупција со 18 системски мерки, се донесе нов поприменлив Етички кодекс со кој се опфатија сите именувани функционери, спроведени се 15 обуки за над 180 функционери, вклучувајќи ги министрите, замениците министри, директори, државни секретари за одредбите од Кодексот. Во изминатата година и половина се исполнија препораките од ГРЕКО, се обезбедија нови простории за ДКСК, се обезбедија 49 милиони денари за ДКСК за потребниот регистар на Комисијата за избрани и именувани лица и поврзување со останатите 17 институции од кои треба да ги црпат релевантните информации.

Се изготви и во функција е новиот Национален регистар на вистински сопственици, за точни и ажурни податоци за вистинските сопственици на фирмите. Се подигна нивото на транспарентност и отчетност, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со кои се зголемува транспарентноста при работењето на институциите. Започнат е процесот за дигитализација на институциите, за елиминирање на човечкиот фактор, за брзи и ефикасни јавни услуги. Владата ги усвои предлог измените и дополнувањата на Законот за личната карта, Законот за матичен број, Законот за државјанство, Законот за личното име, Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија и Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, како дел од клучните закони за дигитализација на институциите, и истите закони веќе се во собраниска постапка.

Николовски посочи дека е подготвен нов План за борба против корупција 2022, со четири столба: дигитализација, независно и ефикасно правосудство, професионализација на институциите и превентивни мерки за борба против корупција. Дел од мерките од новиот План предвидуваат предлог-декларацијата за борба против корупцијата како стратешки приоритет на државата и државните политики и ја достави до Собранието на РСМ за истата да ја донесе, воведување на аудио и видео надзор за начинот на преземање на службените овластувања од страна на царинските службеници, за превенција од евентуални коруптивни однесувања од страна на службениците, приклучување на уште 13 инспекторати во системот Е-инспектор.

Во новиот План е предвидено формирање на 4 нови истражни центри во обвинителствата и нивно кадрово и техничко екипирање како и зајакнување на процесите за спроведување на јавните набавки преку ставање во функција на е-пазар за набавки од мала вредност, воспоставување на регистар на цени на стоки и услуги, автоматска прераспределба на членовите на комисиите за јавни набавки.

Слични содржини