Агенцијата „Ројтерс“ пренесува дека властите во Киев веќе ја известиле Белата куќа за плановите да го отпуштат командантот на вооружените сили. Ставот на Вашингтон е дека тоа е суверена работа, а Украина треба да донесе сопствена одлука.
Несогласувањата меѓу претседателот Зеленски и генералот Залужни почнуваат по контраофанзивата со која Украина врати само мал дел од нејзината окупирана територија. Кулминира со различните ставови за новата воена мобилизација. Залужни бара регрутирање на 500 илјади Украинци, за што Зеленски се противи. По гласините за смена, на страната на популарниот генерал застанаа истакнати опозициски личности. Предупредуваат оти Русија може да ја искористи нестабилноста во военото и политичкото раководство на Украина. Поранешниот претседател Порошенко вели дека „ако се случи, разрешувањето ќе удри во срцето на националното единство“.
Засега, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги демантира гласините за смена на генералот Залужни. Зборувајќи за состојбата на фронтот, меѓу заслужните го наброја токму и началникот на генералштабот Залужни.
„Денот е фокусиран на прашања од фронтот, обезбедување на фронтот, утврдување, заштита на нашите енергетски мрежи. Има добри резултати. Конкретно, украинското производство на беспилотни летала постојано се зголемува. Приоритетите се сосема јасни. Посебен акцент има на Авдијевка. Таму е исклучително тешко. Благодарност до сите момци на позициите – секој војник, секој наредник, сите борбени команданти. На фронтот беа началникот на генералштабот Залужни и командантите Москаљов и Сирски“, изјави Зеленски.
На бојното поле жестоки битки. Не прекинуваат ниту руските гранатирања со беспилотни летала. Во изминатата ноќ напад врз Кривји Рих. Била зафатена и енергетската инфраструктура. Украинските сили, пак, со дронови извршиле напад во руските области Белгород, Волгоград и Ростов.