„Се однесуваат како Северна Кореја“: Фејсбук ги блокира австралиски владини профили

од Берта Китинска
285 прегледи

Фејсбук денес објави дека ги блокирал сите медиумски содржини во Австралија поради новиот предлог закон во кој не е прецизирано што е новинарска содржина.

Ова значи дека Австралијците не можат да читаат вести на социјалната мрежа Фејсбук, без разлика дали се од домашни страници или странски, објави Ројтерс.

„Акциите што ги презедовме се однесуваат на забрана за пласирање медиумска содржина, така што корисниците од Австралија не можат да споделуваат или да гледаат австралиски или меѓународни вести“, изјави портпаролот на Фејсбук.

Меѓу блокираните се и неколку наредби на Владата во областа на здравството, како и службите за итни случаи. Фејсбук подоцна објави дека тие страници се блокирани по грешка, а австралиската влада соопшти дека ваквиот потег сериозно го нарушува кредибилитетот на таа компанија и платформа.

„Бидејќи законот не прецизира јасно каква е содржината на вестите, моравме да разгледаме сè од поширока перспектива, со цел да се усогласиме со законот. Сепак, ќе ја вратиме целата содржина врз која ненамерно влијаеше овој потег“, додаде портпаролот, пренесува Танјуг.

Во меѓувреме, се огласи и премиерот на Западна Австралија, Марк МекГуан, кој посочи дека „американската компанија се однесува како Северна Кореја“ и побара од американската влада да се вклучи во решавањето на овој проблем. И премиерот на Австралија, Скот Морисон, ја искористи своја Фејсбук страна за да го изрази своето незадоволство:

„Таквиот потег само ќе ја зголеми загриженоста на земјите кои веќе имаат проблем со големите технолошки компании кои сметаат дека се поголеми од државата и дека не се засегнати од законите. Можеби го менуваат светот, но тоа не значи дека управуваат со него! “ – смета Скот Морисон.

Слични содржини