И покрај тешкотиите, интервенцијата во Украина се изведува според планот, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на работната средба со раководството на воениот оддел.
Со ова се стави крај на шпекулациите за негово неколкудневно отсуство во јавноста. Украинските власти тврдеа дека министерот за одбрана на Русија имал срцев удар.
„Со оглед на тешкотиите што ги имаме денес, наредбата за државна одбрана ја исполнуваме според планираното. Со оглед на тоа што финансирањето на буџетот оваа година го надмина претходната година за 15%, природно е да размислиме на што да обрнеме посебно внимание при спроведувањето државни одбранбени задачи“, се наведуваат зборовите на министерот во пораката на Министерството за одбрана.
Шојгу истакна дека и покрај антируските санкции, денес нивото на склучување државни договори е 85%, а оваа работа целосно ќе биде завршена во април.
„Продолжуваме да го подобруваме снабдувањето со оружје и опрема со кредитни средства. Приоритети се високопрецизно оружје со долг дострел, воздухопловна опрема, како и одржување на борбената готовност на стратешките нуклеарни сили“, нагласи министерот.
Тој додаде дека, земајќи го предвид спроведувањето на специјалната воена операција во Украина, во 2022 година е неопходно да се задржи поставеното темпо за снабдување на војниците со напредно оружје, вклучувајќи роботски системи, информативна поддршка и електронско војување, како и логистика.