Американскиот државјанин Стивен Забијелски (52) бил убиен за време на борбите во Украина минатиот месец, објави Стејт департментот, пренесува „Ројтерс“.
Во соопштението, портпаролот на Стејт департментот ја потврди смртта на Забијелски во Украина и изјави дека Секретаријатот на САД е во контакт со неговото семејство и ја обезбедува „сета можна конзуларна помош“.
Забијелски е убиен во борбите на 15 мај, според некрологот објавен на почетокот на месецов во локален весник во северниот дел на Њујорк, а во понеделникот се објавени неколку медиумски извештаи за неговата смрт, наведува британската агенција.
Веста за неговата смрт дојде откако беше објавено дека неколку американски борци исчезнале во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот потврди дека двајца Американци од Алабама, Енди Таи Нког Хуин (27) од Тринити и Александар Друк (39) од Тускалоса, биле уапсени додека се бореле на украинска страна.
– Американските граѓани заробени за време на воените дејствија во Украина мора да одговараат за своите постапки и за нив не важат Женевските конвенции – рече Песков.
Во интервју за МСНБЦ во понеделникот, тој ги нарече заробените Американци „платеници кои учествуваа во нелегални операции на територијата на Украина“, пренесе „Интерфакс“.