Јапонската влада денеска објави дека на 27 септември ќе се одржи државен погреб на поранешниот премиер Шинзо Абе, во екот на уличните протести и критики на социјалните мрежи дека државата не треба да финансира церемонии за најдолгиот јапонски премиер, кој стварал поделби.
Абе, премиер повеќе од осум години во два мандата и многу влијателен во владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) дури и по заминувањето од функцијата, беше застрелан пред две недели на предизборен митинг, настан што длабоко ја шокираше Јапонија.
Неговиот погреб беше одржан набргу потоа, но владата одлучи државниот погреб да се одржи на 27 септември во затворената арена Нипон Будокан во центарот на Токио.
„Тоа го одлучивме, како што беше наведено претходно, бидејќи Абе беше премиер со најдолг стаж, за време на кој демонстрираше лидерски вештини за разлика од сите други и имаше голема одговорност во решавањето на бројни сериозни домашни и меѓународни проблеми“, рече главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно на прес-конференција во петок.
Погребот ќе биде целосно платен со државни средства кои најверојатно ќе бидат земени од буџетската резерва, рече тој.
Последниот државен погреб на поранешен премиер кој е целосно платен со државни пари беше во 1967 година, а погребите по него делумно беа платени од државата, а делумно од ЛДП.