Се отвораат ноќните клубови на шпанскиот остров Мајорка, откако беа затворени една и пол година поради пандемијата, објави провинцискиот министер за туризам, пренесува „Хина“.
„Балеарите практично се враќаат во нормала“, рече регионалниот министер за туризам Јаго Негеруела.
Клубовите се отвораат на 8 октомври поради ниската стапка на инфекција, информира тој.
Сепак, тие што ќе сакаат да играат ќе мора да носат маска, додека луѓето што пијат, а не танцуваат, мора да седат.
Клубовите ќе бидат отворени до 5 часот наутро.
Плановите допрва треба да бидат одобрени од судството.
Додека ноќните клубови беа затворени, на баровите и пабовите им беше дозволено да работат во текот на целата пандемија, со одредени ограничувања.
За да влезете во ноќен клуб, потребен ви е сертификат што потврдува дека посетителот е вакциниран против коронавирус, дека ја прележал заразата или дека поседува негативен тест за корона.
На клубовите најверојатно ќе им биде дозволено да работат со капацитет од 75 проценти.
Измените најверојатно нема да имаат голем ефект во Плаја де Палма, област позната по својот богат ноќен живот, бидејќи многу барови таму се подготвуваат за привремено затворање поради приближувањето на крајот на туристичката сезона. Но, сопствениците на ноќните клубови сигурно ќе ја поздрават веста бидејќи многу од нив преживеаја само благодарение на државната поддршка.