Русија е подготвена да продолжи и да ги интензивира воените дејства во Украина „колку што е потребно“, изјави постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензја. Ова го соопшти на седницата на Советот за безбедност на ОН, каде што беше разгледувана ситуацијата во Украина.
„Целите на нашата специјална воена операција можат да се постигнат и по дипломатски пат, но и со воена сила. Нашите вооружени сили се подготвени да продолжат и да ги засилат акциите, доколку е потребно“, рече Небензја.
Тој додаде дека Русија, во принцип, е отворена за разговори за прекин на огнот, но истакна дека и Украина мора да преземе конкретни чекори.
„За време на евентуален прекин на огнот, потребно е западните земји да ја запрат испораката на оружје за Киев, а Украина да престане со мобилизацијата“, изјави рускиот дипломат.

Следната рунда разговори меѓу Русија и Украина ќе се одржи во понеделник, на 2 јуни, во Истанбул. Москва најави дека на средбата ќе достави меморандум за идниот мировен договор, во кој ќе бидат опфатени сите клучни аспекти за решавање на причините за конфликтот.
Руската делегација ќе биде составена од истиот тим што учествуваше и на претходната рунда: помошникот на претседателот Владимир Медински, заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на руското воено разузнавање Игор Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
Претходната средба меѓу претставници од Москва и Киев се одржа на 16 мај, исто така во Истанбул – што беше прв директен контакт по речиси три години. На таа средба двете страни се согласија за голема размена на затвореници – 1000 за 1000 – како и за размена на предлози околу евентуален прекин на огнот. Разговорите што следат во јуни се гледаат како можност за нов обид за деескалација, но засега останува неизвесно дали ќе донесат конкретни резултати.