Се подготвува целосно електричен Lamborghini

од Stefanija Kuzmanovska
475 прегледи

Првиот целосно електричен автомобил Lamborghini е официјално потврден (ќе се најде во продажба во втората половина на деценијата), а италијанскиот производител најави и дека ќе ја електрифицира целата своја понуда до 2024 година.

Претседателот на Lamborghini, Стефан Винкелман ја претстави новата стратегија на компанијата наречена Direzione Cor Tauri, тврдејќи дека е потребен нов пристап кон марката во контекст на радикалните промени во светот, пренесe Seebiz.

„Нашиот одговор е план за целосен пресврт и пат кон одржлива иднина, а секогаш останувајќи верен на нашата ДНК“, рече Винкелман.

Планот Lamborghini има три фази. Првaтa се вика „Celebrating the combustion engine“ и се однесува на новите модели оваа и следната година, вклучувајќи два нови модели со V12 мотори, од кои едниот веројатно ќе биде наследник на Aventador. Автомобилите од оваа фаза ќе му оддадат почит на периодот на постојан успех, а употребата на мотори со внатрешно согорување ќе го прослави богатото наследство на марката.

Следејќи ги овие два модела V12, Lamborghini ќе започне со целосна хибридна понуда до 2023 година. Марката веќе го понуди својот прв благ хибриден модел во форма на хиперавтомобил Sian, но има намера да го започне своето прво сериско производство на хибриди за две години. До крајот на 2024 година целата понуда на Lamborghini ќе биде електрифицирана, така што може да се очекува хибридна верзија на Urus заедно со хибридните наследници на Huracan и Aventador.

Целта на Lamborghini е да ги намали емисиите на СО2 за 50 проценти до 2025 година, а за да се постигне тоа ќе се инвестираат 1,5 милијарди евра во електрификација. Кулминација ќе биде доаѓањето на првиот целосно електричен Lamborghini во втората половина на деценијата. Детали не се откриени, но потврдено е дека тоа ќе биде комплетно нов модел кој ќе стане четвртиот член на понудата.

Слични содржини