Се погази пристојното работно време, велат од ССМ за Законите за Коридорите 8 и 10Д

од Nikola Popovski

Денеска се погази пристојната работа и пристојно работно време, како едни од најголемите цивилизациски придобивки, изјави Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), откако во прво читање во Собранието поминаа законските измени што овозможуваат зголемување на работното време на 60 часа неделно за работниците кои ќе ги градат Коридорите 8 и 10Д.

Тој изрази уверување дека, сепак, ќе надвладее разумот кај пратениците.

-Ние апелиравме уште од самото носење на специјалниот закон за дозволување на еден странски конзорциум да ја окупира државата и целиот градежен сектор и интересите на државата да бидат сведени на тоа парите да се изнесат од Македонија, милијарда и 300 милиони евра до денеска, а може да стигнат до две милијарди и 300, кажа Трендафилов во синоќешната емисија „Топ тема“.

Измените на осум закони за изградба на автопатот на Коридорите 8 и 10Д ја поминаа првата фаза на усвојување во Собранието по скратена постапка.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата пред седницата побара нивно повлекување за да се овозможи поширока дебата и со тоа да се спречат евентуални грешки и измами при спроведувањето.

Автопатот ќе го гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Изборот на конзорциумот кој ќе ја надгледува работата е предмет на истрага на Јавното обвинителство.

Слични содржини