Се повеќе Британци се откажуваат од своето државјанство и според лондонскиот весник „Индипендент“, во периодот од 2011 до 2021 година вкупно 6.507 лица поднеле барање за откажување од британското државјанство.
Причините за откажување се разликуваат од личност до личност, вели Марием Ахмед, раководител на одделот за имиграција во специјализираната фирма „OTS Solicitors“, но најчестиот таков потег е условен од барањето за државјанство поднесено во друга земја кое, за разлика од Велика Британија, го ограничува или забранува двојното државјанство.
Според „Индепендент“, ограничувањата за двојното државјанство се долгорочно прашање, а „Брегзит“ одеднаш доведе до сосема нови компликации за некои британски граѓани кои живеат во ЕУ, па по „Брегзит“ се зголеми и бројот на Британци кои аплицираа за пасоши на некои други земји од ЕУ, најмногу Франција, Белгија или Ирска.
Меѓутоа, за други земји, како што се Шпанија или Холандија, двојното државјанство во комбинација со британското државјанство не е дозволено во повеќето случаи.
Запрашан да го коментира порастот на луѓето кои се откажуваат од британското државјанство, портпаролот на Министерството за внатрешни работи рече дека повеќето луѓе кои избираат да се откажат од британското државјанство го прават тоа за да добијат или задржат државјанство во друга земја.
– Секако, станува збор за земји кои за разлика од Велика Британија не дозволуваат двојно државјанство – изјави портпаролот на британското МВР.