Бројот на мигранти кои илегално влегуваат во Европската унија преку Западен Балкан годинава нагло се зголеми, соопшти денеска Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс, додавајќи дека мнозинството се мигранти од Сирија и Авганистан.
Од јануари до јули, Фронтекс регистрираше 22.600 мигранти кои илегално влегле во ЕУ преку Западен Балкан, што претставува зголемување од дури 90 проценти во однос на истиот период во 2020 година.
Во јули, бројот беше 67 проценти поголем отколку во истиот месец минатата година, се додава во соопштението на Фронтекс.
Мигрантите, исто така, илегално влегуваат во ЕУ преку Белорусија, од каде се упатуваат кон Полска и балтичките држави.
Од јануари до јули оваа година, околу 3.700 мигранти илегално влегле во Литванија, предупредува Фронтекс.
Вкупно, повеќе од 82.000 мигранти досега илегално влегле во ЕУ годинава, 59 проценти повеќе отколку во истиот период минатата година.
Многу европски земји се плашат од развојот на настаните во Авганистан, каде што сунитските екстремисти – Талибанците – окупираат се повеќе територија. Луѓето бегаат од налетот на исламистите, а ЕУ стравува дека ситуацијата може да поттикне повторување на мигрантската криза 2015/16 година.