Се продава последниот Cadillac на Елвис Присли

од Vladimir Zorba
9 прегледи

Познато е дека славниот Елвис Присли ги сакал моделите на Cadillac и дека поседувал голем број автомобили од неговата омилена марка, а сега последниот што го возел е понуден на продажба.

Најпознатиот Cadillac на Елвис бил розовиот Fleetwood од 1955 година, но последниот автомобил што го возел во животот бил Seville од 1977 година. Овој модел се продава на аукција од Bonhams и е во одлична состојба.

Cadillac Seville е уникатно парче од историјата на рокенролот. Под хаубата се наоѓа 5,7-литарски V8 мотор, кој го вгради компанијата Fisher. Ова беше последниот автомобил што Присли го купил и го возел пред неговата смрт во 1977 година.

Кралот на рокенролот сам ја избрал шемата на бои, како и CB радио за да може да комуницира со обезбедувањето и персоналот во кујната во Грејсленд.

Потеклото на возилото е потврдено од Graceland Authenticated LLC, а оригиналните регистарски таблички го носат името на Елвис. Има и фотографија направена додека бил зад воланот.

По смртта на Присли, автомобилот отиде кај неговата свршеница Џинџер Алден, а подоцна стана дел од колекцијата на Џими Велвет, основачот на музејот Елвис Присли. Потоа беше продаден на колекционерот Грег Пејџ на аукција во Лас Вегас во 1994 година за 101.500 долари, а сегашниот сопственик го купи во Грејсленд во 2014 година и го подари на Националниот автомобилски музеј за јавно изложување.

Сега автомобилот по десет години повторно се продава, а лицитацијата трае до 25 ноември. Се очекува цената да биде многу повисока од претходната.

Слични содржини