Се шират протестите во Германија: По земјоделците, штрајкуваат и машиновозачите

од Stefanija Kuzmanovska
433 прегледи

Откако земјоделците во Германија одлучија да користат трактори за да ги блокираат клучните патишта низ земјата, штрајкот се прошири и на железницата. Како што е најавено, германските машиновозачи нема да влегуваат во своите кабини три дена, а тамошниот синдикат одлучи покрај штрајкот на патниците, штрајкот да го опфати и товарниот сообраќај, што ќе влијае на соседните земји кои зависат од германските железници до одреден степен.

„Германија е логистичкото срце на Европа“, вели Томас Пулс од Институтот за германска економија, пренесува „Дојче веле“.

Германските медиуми пренесуваат и податоци од министерството за дигитални прашања и транспорт на таа земја, според кои дури 60 отсто од вкупниот товарен сообраќај на Германските железници отпаѓа на транспортот низ Европа, додека низ таа земја минуваат шест од вкупно единаесет европски железнички коридори за транспорт на стоки.

И сето тоа беше прекинато, откако вчера претставниците на Сојузот на германските машиновозачи одлучија целосно да ја прекинат работата на три дена, што, како што пишува германскиот сајт, нема да ги погоди само германските железници, туку и многу компании во Германија кои ги користат нивните суровини или стоки испорачани со товарни возови.

Железничарите бараат намалување на работното време, но и зголемување на платите во тој сектор. Најголем спор е бројот на работни часови, па синдикатот бара неделното работно време на лицата кои работат во смени да се намали од 38 на 35 часа, а притоа да се задржи истата плата.

Како што пишува „Дојче веле“, Железницата одговара дека тоа барање не е можно да се исполни. Таа е подготвена да разговара со синдикатот само за проширување на веќе постоечките модели на избор на работно време. Дополнително, синдикатот ГДЛ бара зголемување на платата за 555 евра месечно и еднократен додаток поради инфлација во износ од 3.000 евра.

Истовремено, штрајкот кој започна во понеделникот го продолжуваат и земјоделците кои со трактори ги блокираа автопатиштата и главните патишта во градовите.

И сето тоа поради одлуката на германската влада за дополнителни мерки за штедење за намалување на товарот на федералниот буџет за 2024 година. Предлог-законот за буџетско финансирање, меѓу другото, го опфаќа и спорното намалување на субвенциите за дизелот за земјоделците, како и повисоки даноци за авиосообраќајот и построги санкции во делот на социјалната помош за невработените.

Слични содржини