Австралиските власти започнаа да ги натовараат на брод првите од вкупно 49 отпишани тенкови „Абрамс“ кои треба да им бидат испратени на украинските сили, иако американските претставници изразуваа континуирани сомнежи и противење, јави австралиската радио-телевизија АБЦ. Премиерот Ентони Албанезе го потврди испраќањето на тенковите за време на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Рим, но точниот датум кога тенковите ќе стигнат во Украина не беше соопштен поради безбедносни причини.
Австралиските медиуми уште во април пишуваа дека испораката се одложува, меѓу другото и поради американските приговори. Вашингтон смета дека овие тенкови можат да бидат проблематични за Украина, бидејќи според американски функционери, тенковите се ранливи на напади со беспилотни летала, особено поради слабата оклопна заштита на покривот. Исто така, се посочува дека украинската страна можеби не е доволно заинтересирана да ги користи овие возила, а одржувањето на тенковите би можело да биде голем предизвик.
„Минатата година, пред Доналд Трамп да се врати како претседател на САД, предупредивме дека испраќањето на тенковите „Абрамс“ ќе биде комплицирано и дека украинските сили ќе имаат проблеми да ги одржуваат“, изјави еден американски функционер.
И покрај овие приговори, Вашингтон на крајот ја одобри испораката, и Австралија почна со испраќање на тенковите во Украина. Австралија во октомври 2024 година објави дека ќе испрати 49 тенкови M1A1 „Абрамс“ како дел од воен пакет за поддршка на Украина. Претходно, Украина доби 31 ваков тенк од САД, но не е јасно колку од нив сè уште се функционални на бојното поле.
За разлика од претходниот американски претседател Џо Бајден, кој ја поддржуваше воената помош за Киев, сегашниот претседател Доналд Трамп е по воздржан и се фокусира на посредување за мировен договор со Русија. Ефикасноста на тенковите „Абрамс“ во Украина е доведена во прашање. Во април 2024 година, „Асошиејтед Прес“ објави дека украинските сили ги повлекуваат овие тенкови од првите линии поради нивната ранливост на напади со беспилотни летала.