Се урна брана во Кенија, има над 40 мртви: Водата однесе куќи и автомобили

од Симе Стоиков
201 прегледи

По падот на браната во селото Камучири во Кенија, загинаа повеќе од 40 луѓе. Браната попушти по обилните дождови и поплави, а водата однесе многу куќи.

„Имаме 42 мртви, што е конзервативна проценка. Се уште има тела во калта“, изјави за AFP Сузан Кихика, гувернерката на округот Накуру. Во последниот месец, повеќе од 100 луѓе загинаа во поплавите што опустошија делови на Кенија.

Спасувачките екипи копаат низ калта во потрага по преживеани во село во близина на градот Маи Махиу, на околу 60 километри од главниот град Најроби. „Од пронајдените 42 тела, 17 се деца“, изјави за Ројтерс началникот на полицијата Стивен Кируи.

„Водата дојде со голема брзина од урнатата брана Кијабе и однесе многу куќи и автомобили. Никогаш не сме виделе толку разорни поплави. Сè уште бараме многу луѓе“, изјави жителот Дејвид Камау за Би-Би-Си. Властите го одложија отворањето на училиштата низ Кенија бидејќи се очекуваат нови врнежи.

Поради поплавите повеќе од 130.000 луѓе се раселени, а многумина се засолниле во училиштата. Обилни дождови ги погодија и соседните Танзанија и Бурунди. Најмалку 155 луѓе ги загубија животите во Танзанија од јануари досега. Речиси 100.000 луѓе се раселени во Бурунди.

Слични содржини