Кремљ повика да не се избрзува со поврзувањето на убиството на дете од неговата бејбиситерка со терористички акт, пренесе ТАСС, цитирајќи портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Изјавите на дадилката, дека го убила и обезглавила довереното на грижата дете во Москва, за да се одмазди за муслиманите, убиени во руската воена кампања во Сирија, треба да бидат сфатени како зборови на ментално болен човек, изјави Песков, цитиран од агенциите.
Во видеокадри поставени на интернет денес и распространети од неколку влијателни руски блогери дадилката вели дека се одмаздила за оние кои пролеваат крв. “Путин пролеа крв, авионите извршија бомбардирања. Зошто муслиманите се убивани? Та тие исто така сакаат да живеат”, вели жената. Снимките се веројатно дел од објаснувањата на 38-годишната Ѓулчехра Бобокулова дадени вчера пред новинарите од руски телевизиски канали во зградата на московски суд, каде што имаше рочиште против неа.
Може и да грешам, не сум експерт или судија, но е очигледно дека ние дефинитивно зборуваме за жена која е ментално болна, рече Песков и препорача на луѓето да не заборават тоа, кога ги слушаат изјавите на дадилката.
Зошто одеднаш се појавија милиони социјалисти во Америка?
Портпаролот го одреди убиството на детето како страшна трагедија. Узбекистан истовремено вети помош на Русија во истрагата на убиството и обезглавувањето на детето, пренесе ТАСС, цитирајќи го портпаролот на рускиот Истражен комитет Владимир Маркин.
Маркин рече дека за мотивите на дадилката,која го убила детето, ќе може да се зборува, откако таа ќе помине низ психијатриска експертиза.
Портпаролот рече дека осомничената за убиството сега е уапсена и наскоро ќе и бидат покренати обвиненија. Во рамките на предметот за престап таа ќе помине низ стационарна психолошко-психијатриска експертиза на територијата на Русија, додаде Маркин.
Таткото на дадилката Бакредин Тураев истовремено рече во интервју за рускиот сајт Газета.ру дека неговата ќерка, 38-годишната Ѓулчехра Бобокулова, страда од психички проблеми, пренесе Франс прес. Таа била примена за лекување во психијатриска клиника во 2002 година, изјави таткото на Ѓулчехра.
Зборуваше чудни работи и тврдеше дека слуша гласови кои и зборуваа. Потоа стана агресивна, рече Тураев.
По поминати две недели во регионалната психијатриска болница во Самарканд, град во југоисточниот дел на Узбекистан, Ѓулчехра се вратила дома, но долго време требало да зема лекови.
Потоа сè се среди, вели нејзиниот татко.
Ако никој не и направи без причини нешто лошо, ако не и викаат, таа обично е многу мирна, раскажува уште Турнаев.
Ѓулчехра Бобокулова е разведена и има три деца. Вчера беше првото слушање за случајот со убиеното и обезглавено девојче. За време на ова сослушување таа зборуваше неповрзани работи. Ѓулчехра изјави дека Аллах го испратил вториот пророк, за да му соопшти на човештвото вести поврзани со мирот. Потоа рече дека е гладна, дека ќе умре по недела, дека доаѓа крај на светот дека и е забрането да јаде и конечно упати поздрави кон целиот свет.
Инспекторите не исклучуваат варијантата Ѓулчехра да дејствувала под влијание на психотропни супстанции или на дрога. Таа ќе остане во притвор уште два месеци.
