Изборниот процес, изборните кампањи и генерално политичките активности се многу малку примамливи за младите, кои сепак се иднината на државата. Иако според статистичките податоци, се зголемува бројот на младите гласачи, ова не ја зголемува нивната доверба во институциите. Загрижувачки е и фактот што осум од десет млади се опишуваат себеси како главно или воопшто неактивни граѓани, и ова е јасен индикатор за перцепцијата на младите за положбата во општеството.
Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова, во разговорот за „Локално“ појасни оти смета дека младите се недоволно вклучени во политиката, особено не на водечките или на лидерските позиции.
Таа е на ставот дека опаѓа интересот за политиката кај младите, тие се повеќе насочени кон граѓанското организирање.
-Можам да проценам генерално дека интересот за политиката кај младите паѓа. Повеќе постои интерес за граѓанско организирање, што можеби од една страна е добро, но од друга страна сметам дека тие треба да бидат креатори на политиката, вели Зајкова.
Таа појаснува дека треба младите да бидат застапени на повисоки позиции, но причината за послаба заинтересираност ја гледа во недовербата што ја имаат кон политичките партии.
-Како помлад претседател на политичка партија, гледав да има баланс барем на листите и се радувам што имаме кандидат млад за градоначалник на Општина Аеродром. Но, пак можам да кажам дека тоа не е доволно и дека навистина треба повеќе и на повисоки позиции да бидат застапени млади. Сметам дека причината е пред се, во недовербата бидејќи младите 35 години добиваат постојано ветувања и постојано иста понуда, додава Зајкова.
Според неа, клучна за слабата заинтересираност е и скептицизмот кај младите дека нешто може да се промени.
-Јас секогаш ги охрабрувам, затоа што баш младите се тие кои што треба да бидат активни и да ја донесат промената, да ја променат сликата за политиката. Јас би ги викнала младите да кажат што навистина им е потребно, затоа што оние мерки кои ние им ги воведуваме, тие сметаат дека им се непотребни и со тоа само правиме контра ефект, појаснува Зајкова.

Фото: Принтскрин/РСЕ
Таа е на ставот дека младите треба да се повикаат да бидат креатори на мерките кои што на нив им се потребни за да го променат младинскиот стандард и живот.
Секретар на Универзитетското студентско собрание – УКИМ, Адела Асани за „Локално“ вели дека имаме два вида на млади. Едниот е оној што е активен во политичките партии, во помладоците на политичките партии. Другиот е оној кога младите се целосно апатични.
-Според мене, тој тип на млади кои се активни во политичка партија, е малку бајаст тип, бидејќи секогаш ја поддржува политичката партија. Овие млади најчесто стануваат дел од таа партија многу рано. Вториот дел на младите се оние кои се целосно аполитични, односно не сакаат воопшто да се вклучат во ништо каде што се споменува политика, вели Асани.
Како што додава, кај нас зборот политика е оцрнат, затоа што веднаш се асоцираат со големи политички партии или игрите за фотеља, но вели дека тоа не треба да биде така.
-Според мене тоа не треба да биде така, бидејќи дури и еден протест е политика. Сите ние сме дел од општеството и мора да имаме некакво мислење, некаков став. Ако се согласуваме би било добро да кажеме дека се согласуваме со нов закон или што и да е, но ако не се согласуваме исто така младите треба да бидат подготвени и на бунтови, во смисла на протест, додаде Асани,
Како што посочи, партија не е биро за вработување, партија треба да биде идеологија.
-Треба да се поправат институциите. Ние 34 години гледаме иста претстава. Првично треба да се „исчисти“ зборот политика, за да се сфати оној генерален став што значи еден млад човек да биде дел од општеството, а потоа веќе да разговараме дали младите би сакале да се придвижат кон некоја идеологија и да си го најдат местото во некоја партија која вистински се залага за таа идеологија, вели Асани.
Посочи дека решението е да се поправат институциите за младите да стекнат повисока доверба.
Б.Т.