Американската Комисија за хартии од вредност (SEC) го одобри првиот Bitcoin ETF (Exchange Trade Fund), изјави нејзиниот претседател Гери Генслер во соопштението од оваа агенција. Ова долгоочекувано зелено светло од американската владина агенција означува уште една пресвртница во развојот на крипто-индустријата и чекор напред во широкото прифаќање на криптовалутите, особено Биткоинот.
SEC одобри издавање на ваков вид средства, меѓу другите, на компаниите Blackrock, Ark Investments, 21Shares, Fidelity, VanEck, пишува во соопштението на веб-страницата на комисијата.
Тргувањето со овие инструменти се очекува да започне денес.
Со години се шпекулира дека овој тип на финансиски производ ќе биде голем чекор за Bitcoin, нудејќи им на институционалните и на другите инвеститори поголема изложеност и можност да инвестираат во најголемата криптовалута во светот, без директно да ја поседуваат.
Одговарајќи која е најголемата предност, т.е. зошто да се инвестира во овие финансиски инструменти, експертите за криптовалути посочуваат дека тоа пред се би требало да се случи поради регулативите.
Аналитичарите во Standard Chartered оваа недела рекоа дека ETF може да привлечат 50 до 100 милијарди долари само оваа година, со што цената на биткоинот ќе достигне 100.000 долари. Други аналитичари велат дека приливот ќе биде поблиску до 55 милијарди долари во текот на пет години.
Што се однесува до цената, во последните неколку месеци, главно поради исчекувањето на емитувањето на Bitcoin ETF, цената на оваа криптовалута скокна за околу 70 отсто, а огромното мнозинство аналитичари истакнуваат дека овој тренд само ќе продолжи.