На 16 септември 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше одлучено каматните стапки да останат исти, односно каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена се задржуваат на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со економските услови и ризиците коишто произлегуваат од домашното и надворешното окружување. Овој пристап на монетарната политика е поддржан и со неодамнешните промени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите на кредитната побарувачка, како и со зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот за дополнителни 0,25 процентни поени.
Комбинацијата на овие мерки е насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс, како и кон заштита од можни идни системски ризици. Во однос на монетарната поставеност во еврозоната, ЕЦБ на септемврискиот состанок донесе одлука за задржување на каматните стапки на досегашното ниво.
Општо земено, со последната одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај најважните макроекономски показатели и процените за ризиците. Надворешните ризици и понатаму се изразени, но внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, стои во соопштението на Народна банка.