Американската милитантна група, веројатно инспирирана од теоријата на заговор QAnon, според полициски проценки планирала напад врз Конгресот на САД во четвртокот, што доведе до одлука за откажување на закажаните седници од безбедносни причини.
Безбедносната проценка, која обезбедувањето на Конгресот ја подели до пратениците во средата, не ја идентификуваше групата, но времето на наводниот напад го сугерира нејзиниот идентитет. Имено, на денешен ден, 4 март, веруваат следбениците на QAnon, е денот кога Доналд Трамп треба да се врати на претседателската функција.
Застапниците на QAnon веруваат во една бесмислена теорија дека Трамп „бил во тајна мисија да ги разоткрие сатанистичките кабала-педофили во редовите на Демократската партија, кои ја контролираат американската влада во позадина“, и го избраа 4 март, оригиналниот ден на претседателските инаугурации се до 1933 година.
Поради нападот што се случи во јануари, предвидените активности на Конгресот беа откажани денес, а пратениците беа информирани дека не мора да доаѓаат на седниците.
Малку е веројатно дека Сенатот, кој треба да работи на програмата за поттикнување на погодените од пандемијата на коронавирус, ќе ја откаже својата седница, пренесува „Јутарњи“.
Конгресното обезбедување соопшти дека ќе ја зајакне безбедноста во четврток поради потенцијална закана.
– Врз основа на разузнавањето што го имаме, презедовме чекори за зголемување на безбедноста – објави безбедносната служба.
Шефот на службата Тимоти Блоџет издаде предупредување дека заканите може да се „реализираат до викендот“ поради „дополнителниот интерес на милитантната група за Капитол од 4 до 6 март“.
Неколку екстремно десни милитантни групи учествуваа во нападот на Конгресот на 6 јануари, во кој животот го загубија пет лица, меѓу кои и еден полицаец.
И покрај плановите на милитантите за дополнителни напади, Трамп одби да се откаже од своите неосновани обвинувања за изборни измами, што ја инспирираше толпата да упадне во зградата на Конгресот на 6 јануари во обид да го запре процесот на потврдување на победата на Џо Бајден на претседателските избори .
Минатиот викенд, на собирот на неговите следбеници, Трамп повтори, без никакви докази, дека му е украдена изборната победа.