Најмалку седум лица загинаа кога обилните дождови предизвикаа поплави во северозападна Турција, јави државната новинска агенција Анадолија.
Пет лица загинаа, а едно исчезна во провинцијата Киркларели, во близина на границата со Бугарија и Грција, откако во вторникот вечерта беа поплавени куќи, јавуваат локалните медиуми.
Властите соопштија дека уште две лица загинале, а 31 е повредено во северните истанбулски населби Башакшехир и Кучукчекмеџе, каде на фотографиите се гледаат автомобили како плутаат во надојдените води.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја рече дека операциите за пребарување и спасување продолжуваат и вети финансиска поддршка за семејствата во областите погодени од поплавите.
Во Истанбул за помалку од шест часа наврнале околу 125 милиметри дожд на квадратен метар.
Обилните дождови предизвикаа невидени поплави низ Југоисточна Европа, оштетувајќи ја инфраструктурата и принудувајќи ги жителите да се евакуираат.
Најмалку две лица загинаа откако во средата во централна Грција беа поплавени домови и деловни објекти. Две лица загинаа во поплавите во црноморскиот регион на Бугарија во вторникот, јавува „Ројтерс“.