Секое десетто дете во Северна Македонија умира од загаден воздух: Граѓаните имаат право да ја тужат државата

од Илинка Илиоска
123 прегледи

Секое десетто дете во Северна Македонија умира како резултат на загаден воздух, алармира професорот Борче Давитковски, потенцирајќи дека државата има обврска да им обезбеди здрава животна средина на своите граѓани. Според најновата одлука на Врховниот суд, доколку државата не преземе мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, граѓаните имаат право да поднесат тужба против неа за нарушување на нивното уставно загарантирано право на здрава средина.

„Согласно националната и меѓународната правна регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, вклучувајќи го и правото на чист воздух, како индивидуално право на граѓаните. Тие можат да бараат од надлежните органи да ги усвојат потребните Основни плански документи, како што предвидува Законот за квалитет на амбиенталниот воздух,“ се истакнува во ставот.

Давитковски, во својство на експерт, нагласи дека секој има право да бара заштита, а судовите треба да носат одлуки кои ќе ги обврзат институциите да постапуваат според Законот за амбиентален воздух.

Тој истакна дека секоја година од загаден воздух умираат меѓу 4.500 и 5.000 граѓани, а бројката на прерано изгубени животи од загадување со ПМ2.5 честички, азотен диоксид и озон е загрижувачка.

Проценките на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) од 2019 година покажуваат дека само поради ПМ2.5 честички, 3.400 луѓе ја загубиле својата животна битка. ЕЕА исто така проценува дека со воведување на препораките на СЗО за ограничување на ПМ2.5 на 5 микрограми на кубен метар годишно, би можеле да се спасат до 2.500 животи годишно.

Слични содржини