
Видеото од Ибица, снимено на таен состанок на австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Страхе со претставник на наводен руски олигарх, е вредно парче материјал. Во него, го гледаме поранешниот лидер на Австриската партија на слободата, кој лежи на кауч, поднапиен и без ограничување. Овие снимки се скап подарок за неговите политички противници. Тие исто така беа сериозно предупредување за канцеларот Себастијан Курц. Предупредување на кое тој веќе реагира. Курц рече дека предвремените избори ќе бидат закажани и рече дека Коалицијата со партијата на Страхе повеќе не е можна.
Ова не е прв скандал во Австрија
Всушност, видеото од 2017 година не донесе никакви големи изненадувања. Не открива нови особини на ликот на Страхе и неговите партиски другари. Изненадувачки се можеби само димензиите на ароганцијата и дрскоста со кои лидерот на Партијата на слободата ветува на руски инвеститори услуга, во замена за финансиска помош за предизборната кампања на неговата партија, како и вклучување на еден голем австриски весник во шемата. Во ова видео Страхе се однесува како да ја поседува целата алпска република, вклучувајќи ги и нејзините граѓани.
Овие откритија се појавија по серијата други скандали кои ја поставија владата во Виена под силен притисок. На пример информацијата за тоа дека членови на Партијата на слободата одржуваат врски со член на анти-имигрантското Движење за идентитет, за кого се претпоставува дека добивал пари од сторителот на нападите во новозеландскиот град Крајстчрч.
Пред некое време, уште еден политичар од партијата на Страхе си дозволил да спореди луѓе со глувци. Покрај тоа, стана познато дека пивските вечери во кругот на партијата поминале под звуците на национал-социјалистички музички дела. Листата на слични скандалозни настани е бесконечна. Австриската Партија на слободата одамна се пресели подалеку од спектарот на демократските партии. Таа сосема свесно престана да се разликува од нео-нацистите и другите десничарски групи.
Удар за десните во Европскиот парламент
Аферата Страхе е удар за планираната алијанса на деснитепартии во следниот ЕП. Нивните водачи сега ги креваат главите и се претставуваат како жртва на валкана кампања или дека немаат никаква врска со случајот. Но, случајот со австриската Партија за слобода повторно потсетува дека овие партии не сакаат реформи, туку распаѓање на ЕУ. Тој, исто така, потсети дека нивниот политички модел делумно е вкоренет во Русија, делумно во фашизмот.
За време на обиколките во рамките на својата предизборна кампања, кандидатот на Европската народна партија за претседател на ЕК, Манфред Вебер се дистанцира од скандалите во Австрија. Тој одамна вели дека левите и десните екстремисти и популистите не се решение. Но, зошто Вебер зборува за левата, кога сосема јасно овде станува збор за екстремната десница? И зошто неговото дистанцирање изгледа прилично смешно?

За жал, токму Манфред Вебер беше оној кој со години го крепеше подемот на Виктор Орбан во Унгарија – премиерот, кој веќе отворено се бори против европските норми и вредности. И за жал, само Орбан служи како пример за Салвини и другите кои сега го копираат неговиот рецепт за успех.
Дали веќе Манфред Вебер се срами, и претпочита да молчи за австрискиот скандал? Крајно време е да се дознае што се случува во десниот агол на ЕП, како и тоа, дека не можеш да си дозволиш да правиш политички договори со овие партии.
Кој скока во калта, не може да не се валка
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц очигледно верувал дека може безбедно да управува со Партијата на слободата. Но, во последно време таа му го искомплицира животот. Курц сакаше да ја сочува довербата на луѓето. Но, Страхе и компанија ја одведоа коалицијата сè повеќе и повеќе во екстремно десниот простор. Канцеларот мораше да сфати многу порано дека овој сојуз не може да опстои.
Всушност, сè е многу едноставно: кој скока во калта, не може да не се валка. Кој верува дека може да се потпре на екстремно десничарски и неонацистички пријатели, станува корисен идиот. Не може да има владини коалиции со луѓе кои ги нарекуваат западните демократии „декадентни“ и сонуваат за диктатура во стил „Путин“.
Видеото на Страхе е сериозно предупредување до сите европски конзервативци кои сметаат дека можат да управуваат со национал-популисти и да преживеат како демократи.
Барбара Везел, ДВ