Новата студија, објавена денеска, предупредува дека пушењето е поштетно отколку што се мислеше, при што секоја цигара одзема околу 20 минути од очекуваниот животен век на пушачот.
Властите уште еднаш ги повикаа пушачите да се откажат од пушењето до 2025 година, бидејќи оваа нова студија открива дека штетата од пушењето е уште поопасна отколку што мислеа експертите.
Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) открија дека секоја цигара во просек краде околу 20 минути од животот на пушачот, што значи дека секоја кутија од 20 цигари го скратува животот на една личност за речиси седум часа.
Според студијата, ако човек кој пуши 10 цигари дневно и се откаже од пушењето на 1 јануари, на 8 јануари ќе спречи губење на цел еден ден од животот.
Ако пушач се откаже на Нова година, до 20 февруари ќе добие една недела од животот, а до крајот на годината можеби избегнал да изгуби 50 дена од животот.
Истражувањето следи по воведувањето на историскиот предлог-закон за тутун и вапинг, кој неодамна го помина второ читање во Долниот дом на Обединетото Кралство (ОК).
Нацрт-законот вклучува мерки за создавање на првата генерација без чад со постепена забрана на продажбата на тутунски производи низ ОК на сите родени по 1 јануари 2009 година.
Исто така, вклучува и проширување на забраната за пушење на некои надворешни простори со цел да се намали штетата од пасивното пушење.
„Пушењето е скапа и смртоносна навика и овие наоди ја откриваат шокантната реалност на оваа зависност, нагласувајќи колку е важно да се престане со пушење“, рече министерот за јавно здравје Ендрју Гвин во изјавата објавена од Министерството за здравство и социјална заштита.
Еден од двајца пушачи планира да се откаже од пушењето во 2025 година
Исто така, друго ново истражување, спроведено од „Censuswide“, покажа дека повеќе од половина (53%) од пушачите планираат да се откажат од пушењето во новата 2025 година.
Пушењето е причина број еден во Велика Британија за смрт, инвалидитет и лошо здравје што може да се спречи, според надлежните.
Одделот за здравство на Обединетото Кралство вели дека пушењето предизвикува околу 80.000 смртни случаи годишно во Велика Британија и секој четврти рак во Англија и убива до две третини од долгорочните пушачи.
„Од витално значење е луѓето да разберат колку е штетно пушењето и колку престанувањето може да го подобри нивното здравје и животниот век“, рече Сара Џексон од Истражувачката група за алкохол и тутун во „UCL“.
Таа додаде: „Доказите покажуваат дека луѓето губат во просек околу 20 минути од животот со секоја цигара што ја пушат. Колку побрзо човек престане да пуши, толку подолго ќе живее. Откажувањето од пушењето на која било возраст значително го подобрува здравјето, а придобивките почнуваат речиси веднаш“.