Во организација на Друштвото на ликови уметници и Националната галерија на Македонија , во Даут- пашиниот амам се одржа комеморација по повод смртта на нашиот истакнат сликар, филмски режисер и сценарист, Коле Манев.
Тој почина на 22 јануари на 83- годишна возраст, по кратко боледување. Манев остави непроценливо наследство со кое ќе остане секогаш жив и кое ќе го чува и промовира министерството за култура и туризам, кажа на комеморација, министерот Љутков. Според уметницата Дијана Томиќ- Радевска, Манев како претседател на ДЛУМ бил отворен за идеите на помладите колеги , а за Ана Франговска од Националната галерија, творештвото на Манев е искрено сведоштво за страдањата на раселените лица, како што и тој со семејството бил раселен, по Граѓанската војна во Грција, 1948 година.
„Го посвети целиот свој живот на реализмот и фигурацијата. Најнапред, експериментирајќи во областа на надреалниот, метафизички реализам, па допирајќи ги аспектите на хиперреализмот. Но, откако започна продлабочено да ги истражува темите поврзани со егејската бегалска криза, твореше во рамките на академскиот реализам, или како што Анте Поповски тоа го дефинира- современ реализам. Неговото дело не беше само уметнички потфат, туку и искрено сведоштво за страдањата на раселените луѓе“, рече Ана Франговска , кустос – советник во Националната галерија на Македонија.
Свое обраќање имаше и Дијана Томиќ- Радевска, визуелна уметница.
„За време на нашата соработка во управните тела на ДЛУМ, а Коле Манев како претседател , од 1996 до 1999-2000 година, се сеќавам на нашата соработка. Ние со Вана Урошевиќ бевме најмладите во Советот. Секогаш беше расположен за нови идеи, не поддржуваше во дискусиите и ги прифаќаше нашите сугестии. Едноставно, сакаше нова енергија. Сакаше да донесе свежина, преиспитување на критериумите и оптимизам во Друштвото“, сподели Томиќ- Радевска.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, нагласи дека „Коле Манев зад себе остави непроценливо наследство со кое ќе остане секогаш жив и ќе ги инспирира идните генерации уметници“.
„Некој за утеха кажал дека луѓето живеат толку време, колку што ги споменуваме. Но, Коле Манев зад себе остави непроценливо наследство со кое ќе остане секогаш жив и ќе ги инспирира идните генерации уметници. Како министер за култура и туризам, но и како човек кој го цени неговото дело, сакам да истакнам дека Министерството за култура ќе продолжи да го чува и да го промовира наследството од Коле Манев“, изјави Љутков.