Видовме шпекулации за употреба на нуклеарно оружје со краток дострел во Украина и јасно ѝ ставивме до знаење на Москва дека тоа ќе има сериозни последици за Русија, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во пресрет на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Високиот функционер на НАТО предупреди дека секоја употреба на нуклеарното оружје на Москва ќе има „невидени последици“ за Русија и „речиси сигурно ќе предизвика физички одговор од многу сојузници, а потенцијално и од самиот НАТО“.
„Не видовме промени во нуклеарната позиција на Русија, но ќе останеме будни, внимателно ќе следиме се поради нуклеарните закани, нуклеарната реторика. Скриените закани на Русија се опасни и непромислени“, рече Столтенберг.
Испраќањето на што е можно повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина е главна тема на состанокот на НАТО, па Столтенберг рече дека ги поздравува членките кои ѝ обезбедуваат системи за противвоздушна одбрана на Украина. Тој рече дека се потребни различни видови оружје за да се помогне во одбраната на Украина од руските напади.
Додаде дека очекува „режимот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, да престане да биде соучесник“ во конфликтот. Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников, кој учествува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, вели дека очекува нови испораки на системи за противвоздушна одбрана.