Сексуално вознемирување – премолчениот проблем на општеството

од Andreja Salpe
680 прегледи

Сексуалното вознемирување претставува сериозен општествен проблем и затоа е од суштинско значење да се разбере и третира

Се чини дека последните години сè повеќе сме сведоци на активисти и здруженија кои гласно зборуваат за тоа колку е важно да се превенира и да се санкционира сексуалното вознемирување, но и понатаму тоа останува голем проблем во македонското општество. Насилството врз жените е присутно во сите култури, региони, земји и општества, а неговите корени лежат во нееднаквата распределба на моќ и нееднаквите можности помеѓу мажите и жените, како и во континуираното дискриминаторско однесување кон жените во сите сфери на општественото живеење.

Насилството претставува сериозен општествен проблем и затоа е од суштинско значење да се разбере и третира. Сексуалното насилство е форма на родово базирано насилство која што остава сериозни и долготрајни последици врз целокупното здравје на жртвата, па така жените се непропорционално изложени на сите форми на сексуално насилство, а мажите најчесто се сторителите.

Се проценува дека 35 проценти од жените во светот имаат искусено физичко или сексуално насилство од интимниот партнер или сексуално насилство од страна на непартнер во одреден момент во својот живот, а некои национални студии покажуваат дека до 70 проценти од жените доживеале физичко или сексуално насилство од интимниот партнер во текот на животот.

Сексуално вознемирување врз малолетни

Според студија направена за сексуално насилство, околу 120 милиони девојки под 18 години во светот (малку повеќе од 1 во 10) имаат искусено принуден сексуален однос или друг вид присилни полови дејствија во одреден момент во својот живот. Досега најчестите сторители на сексуалното насилство врз девојчињата се сегашни или поранешни партнери.

Кај нас пак, во текот на изминатата година, заклучно со март 2021 пријавени во МВР се 58 настани на сексуално вознемирување.

„Во периодот од 01.01.2020 година до 31.03.2021 година пријавени се вкупно 58 настани на сексуално вознемирување, за кои по преземени мерки поднесени се кривични пријави и известувања против 54 сторители за сторени 56 кривични дела. Според видот на кривичните дела најголем дел или  33 дела се „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ и 10 дела „силување“, додека останатите дела се застапени во помал број.” – велат од МВР.

Важно е да се напомене дека во наведениот период не се пријавени настани на сексуално вознемирување во училиштата, со исклучок не еден настан во текот на 2021 година на подрачјето на СВР Струмица, каде е од страна на директорот на училиштето пријавено е дека еден наставник се однесувал недолично одреден временски период пред камерата на часот пред присутните ученици од класот, за што е доставено известување до Основното јавно обвинителство, велат од МВР.

Исто така, од првата детста амбасада во светот „Меѓаши” велат дека немале јавувања на нивниот СОС телефон за деца и млади за сексуално врсничко вознемирување.

Статистичките податоци од истражувањата, центрите за помош на жртвите и полициските извештаи говорат дека не постои возраст, класа, етничка припадност, раса или степен на образование што е гаранција за тоа дека лицето не може да биде жртва на сексуален напад. Точно е тоа дека младите девојки се под најголем ризик, но не се единствените на кои може да им се случи да бидат силувани.

Меѓу силувачите има луѓе од сите професии, екстровертни и интровертни луѓе, богати и сиромашни, луѓе во брак и со деца. Истражувањата покажуваат дека само незначителен процент од извршителите на овој насилен чин имаат ментални нарушувања или емоционални проблеми. За сите нив заеднички е начинот на кој ја изразуваат потребата за доминација и лутина – преку злонамерно нанесување емоционална и физичка болка на жртвите. Потребата за моќ, потребата за контрола и бесот се првенствените мотиви на силувањето, а сексуалноста е само начин тие да се изразат.

Синдром „Јавна Соба”

Пред скоро случајот со „Јавна Соба” повторно ја брануваше македонската јавност, каде во приватна група на социјалната мрежа „Телеграм” беа споделувани и злоупотребувани приватни фотографии и информации од малолетни девојчиња, а каде членуваа повеќе од 60.000 луѓе.

Несомнено, нашето општество пати од синдромот „Јавна Соба”, член на таа група може да е секој, „татко ти, комшијата, братучедот и тн.” Оттука, институционална разрешница за организаторите мора да има, но се отвора прашањето, што е со останатите?

Во интервју за „локално.мк” главната и одговорна уредничка на феминистичката платформа „Медуза”, Калиа Димитрова одговарајќи на прашање поврзано со случајот „Јавна Соба” вели дека институционалната разрешница на организаторите нема да го реши проблемот во целост, останува проблемот со не-толку-потајните патријархални ставови на масата и културата на насилство (rape culture) во која живееме.

„Колку и да е тешко да се „поттикнат“ институциите да постапуваат правилно, професионално и навремено во случаи на сексуално насилство и вознемирување, милион пати е потешко да се смени популарниот став дека жртвата некако сама си ја налепила бељата, бидејќи тој пристап кон жртвите е веќе дел од нашиот културен ген. Двојната виктимизација се случува од блиски социјални/семејни кругови, до ниво на институции и мора огромен фокус да се даде на одучување на овој феномен, бидејќи ваков тип на коментари претставуваат релативизирање на насилство и заземање на страна на сексуалните предатори и насилници. Јавноста секогаш има некаква идеја за што девојката требала или можела да направи за да не стане жртва, а многу ретко има идеи што може или треба да се направи со оној кој ја вознемирил, повредил или понижил. Истата таа јавност имаше огромен проблем со изјавата каде „заштити ја ќерка ти“ беше прецртано и наместо тоа испишано „едуцирај го син ти“, бидејќи на една мизогина заедница најлесно ѝ е да најде милион причини зашто девојките и жените се виновни што се жртви, а насилникот да не биде една од нив.” – вели Димитрова

Неопходна имплементација на сексуално образование

Сексуалното и репродуктивно здравје и права се табу тема, како дома, така и во училиште. Во нашето формално образование само 13% од учениците учеле за кондом, а едвај 2% за орална контрацепција. Најчеста причина за лошата здравствена состојба кај младите е неинформираноста, особено за нивното  сексуално и репродуктивно здравје. Училиштето е клучно за развојот и информирањето на младите, а со тоа и вистинското место каде што тие треба да научат како да се грижат за своето здравје. Недостигот на соодветни информации е една од главните причини и за дискриминацијата, насилството, омразата и силеџиство во училишната средина.

Целта на сеопфатното сексуално образование е да им даде на децата и младите луѓе знаење, вештини, ставови и вредности што ќе ги оспособат да го остварат своето здравје, добросостојба и достоинство, да градат социјални и сексуални односи базирани на почит, да размислуваат за тоа како нивните избори и одлуки влијаат врз нивната и добросостојбата на другите и да ги разберат своите права и како да ги заштитуваат.

Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши” сметаат дека имплементацијата на сеопфатното сексуално образование е неопходна.

Предметот ќе опфаќа клучни теми и тоа: род, врски и односи, тело и слика за тело, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, насилство и граѓански аспекти.

Сексуалното сеопфатно образование ќе придонесе да се зајакне не само сексуалното здравје туку и репродуктивното а со сето ова ќе се избегнат несакани бремености воедно ќе се едуцираат децата за сексуалното насилство, врсничкото насилство како и увидување на родовите нееднаквости кои ги имаат меѓу себе. Пред се децата ќе научат да го заштитат своето здравје, ќе ги познаваат правата кои ги имаат од сферата на сексуалноста и дури во моменти кога тие права би им биле нарушени ќе бидат доволно свесни да знаат каде да се обратат, да пријават и да побараат помош.” – велат од Меѓаши

Сексуалните и репродуктивни избори на младите луѓе може да имаат влијание врз нивните права.

На пример, адолесцентната бременост може да доведе до тоа девојките да се отпишат од училиште што ги оневозможува да го реализираат нивното право на образование. Слабото разбирање на родовата рамноправност може да води кон дискриминација.

Зошто на децата и младите им е потребно сеопфатно образование за сексуалноста?

При преминот од детство преку адолесенција во светот на возрасните, голем број млади добиваат збунувачки и конфликтни информации за врските и сексот. Ова води кон зголемена потреба кај младите луѓе од веродостојни, доверливи информации, коишто ќе ги подготват за безбеден, продуктивен живот во кој што ќе се чувствуваат исполнето.

Сеопфатното образование за сексуалноста не само што им обезбедува на децата и младите образование, соодветно на возраста и развојниот период, за човековите права, родовата рамноправност, односите и врските, репродуктивноста, ризичното сексуално однесување и превенција на здравјето, туку во исто време дава можност да се претстави сексуалноста од позитивна перспектива, нагалсувајќи ги вредностите како што се почит, инклузија, недискриминација, еднаквост/рамноправност, емпатија, одговорност и реципрочност.” – велат од Меѓаши

Ако добро се спроведува сеопфатното образование, ќе одговори потребата на младите луѓе и ќе ги оспособи да носат добри одлуки базирани на сознанија и добро размислување во однос на врските што ги формираат во врска со својата сексуалност. Исто така ќе ги оспособи и како да се однесуваат во свет во којшто сеуште родово базираното насилство, родовата нееднаквост, раната и несакана бременост, сексуално преносливите болести претставуваат сериозни ризици за нивното здравје и добросостојба. Од друга страна, пак, недостигот на квалитетно, возрасно и развојно прилагодено образование за сексуалноста и односите/врските може да ги остави децата и малдите да бидат ранливи или осетливи на штетни сексуални поведенија и сексуална експлоатација.

Единствено формалното образование има моќ да интервенира вредносно кај цели нови генерации

Димитрова, пак, вели дека во сексуалното сеопфатно образование гледа најмоќна алатка во борбата против сексуалното вознемирување.

Сеопфатно сексуално образвание го гледам како најмоќната алатка во оваа борба. Секако, можеме и треба да зборуваме и за домашно воспитување, но единствено формалното образование има моќ да интервенира вредносно кај цели нови генерации”, вели Димитрова.

Она што може да се заклучи е дека од минатата година заклучно со март оваа година нема пријави на случаи на врсничко сексуално вознемирување, што најверојатно е последица на пандемијата со Ковид-19. Несомнено е дека сексуалното вознемирување е сеопфатен општествен проблем, кој ги засега сите категории на граѓани, но според податоците, она што може да се заклучи е дека алармантна е инциденцата на вакви случаи кон жените и младите девојки. Јасно е дека овој проблем нема едноставно и брзо решение, но она што мора да се преземе е комплетна институционална одговорност за да ваквите случаи добијат разрешница, а јавноста, особено младите да се едуцираат на оваа тема за да се подигне свесноста и навремено да се превенира против оваа појава.

А.Р.

Слични содржини