Семејствата на заробените руски војници се бесни: „Зошто умираат? За вили на Црното Море“

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Украинските власти на групата на Телеграм „Пронајдете ги своите“ објавија десетина снимки на кои, како што тврдат, се гледаат заробени руски војници. Снимките ги шокирааа нивните семејства кои не ни знаеја дека се испратени во Украина.

На едно од видеата објавени на Телеграм од украинското Министерство за внатрешни работи се гледа видно повреден војник идентификуван како Леонид Пактишев, командант на снајперска единица со седиште во Ростовската област.

Новинарите на „Гардијан“ разговарале со членовите на семејството на Пактишев, кои го потврдиле неговиот идентитет и додале дека се шокирани, но и лути поради тоа.

„Се надеваме дека нашите синови, браќа и сопрузи нема да загинат“

-Ми испратија видео од брат ми, снимено синоќа во два часот по полноќ. Бев целосно шокиран. Немав поим дека тој замина во Украина, изјавила Јелена, сестрата на Пактишев.

Таа додава дека знаела дека нејзиниот брат, по потекло од малиот град Месчиченск во западен Сибир, работел во армијата како инструктор на снајперисти.

-Не сум компетентен да ја судам одлуката на неговите претпоставени. Можам само да кажам дека се надевам дека сето ова ќе заврши што е можно поскоро. Никому не му треба војна, ниту Украина, ниту Русија. Верувам дека можеме да постигнеме договор на мирен начин и дека нашите синови, браќа и сопрузи нема да загинат, вели Јелена.

Таа тврди дека последен пат со својот брат разговарала за време на Нова година. Таа му испратила и роденденска порака на една од социјалните мрежи во четвртокот, денот кога започнала инвазијата и денот кога наполнил 28 години.

-Видов дека не е на интернет и тогаш бев малку загрижена. Тоа не е ништо во споредба со тоа како се чувствувам сега. Многу сум загрижена. Не спијам навечер, моите деца плачат, нашата мајка е во критична состојба, вели сестрата на Пактишев.

„За што умираат, за палатите во Геленџик“

Друг близок роднина на Пактишев, кој побара да остане анонимен, изјави за Гардијан дека е лут затоа што неговиот роднина Русија го користи како „топовско месо“.

-Како поинаку можете да се чувствувате? За што умираат? За палатите во Геленџик, прашал член на семејството, мислејќи на луксузната вила на Црното Море, за која руските независни новинари велат дека е во сопственост на рускиот претседател Владимир Путин.

Дмитриј Сељанин, третиот братучед на Пактишев, со кој разговараа новинарите на Гардијан, изјави дека не може да поверува дека неговиот братучед бил фатен.

-Тој е снајперист, а непријателот не сака снајперисти. На видеото не можеме да видиме други снајперисти во неговата група, не знаеме што се случило со нив. Така што можеме само да нагаѓаме што ќе му направат на Леонид, изјави Сељанин.

Украина ги повикува членовите на семејствата на заробените руски војници да контактираат со нив

Русија досега не ги коментираше објавените видеа и откри многу малку информации за состојбата на своите војници кои се наоѓаат во Украина.

Руското Министерство за одбрана во неделата вечерта за првпат призна дека меѓу припадниците на руската армија има загинати и ранети војници.

Од друга страна, Украина ги повикува членовите на семејствата на заробените руски војници да контактираат со нив и да го изразат своето противење на вмешаноста на земјата во војната. Министерството за одбрана на Украина воспостави телефонска линија за членовите на семејствата на руските војници наречена „Вратете се живи од Украина“.

Слични содржини