Сенатот доби образложување за барањето за отповикување на поранешниот претседател

од Stefanija Kuzmanovska
360 прегледи

Претставниците на комитетот за отповикување на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Претставничкиот дом денеска испратија меморандум до Сенатот, со образложение на нивното барање за отповикување.

Ова е меморандум во кој барањето е објаснето на најјасен начин досега. Наведува дека Трамп е виновникот за повредата поради која мора да биде отповикан и да се спречи повторно да се кандидира на претседателските избори.

Претседателот на овој комитет, демократот од Мериленд, Џејми Рискин, објасни дека Трамп бил лично одговорен за немирите и нападот врз зградата на Конгресот на 6 јануари, бидејќи тој ги поттикнал нападите кога сфатил дека обидите за пресврт на изборните резултати не успеале , пренесува NBC.

„Одговорноста на претседателот Трамп е несомнена, бидејќи тој ја злоупотреби својата позиција за да го наруши нашиот демократски поредок. Тој ги загрози животите на сите конгресмени, го загрози мирниот трансфер на власта и ја наруши нашата национална безбедност“, стои меѓу другото во документот од 80 страници кој е предаден на Сенатот.

Меморандумот го отфрла аргументот на правниот тим на поранешниот претседател дека Сенатот нема овластување да суди, бидејќи Трамп сега е поранешен функционер.

„Овој аргумент е погрешен, но и опасен, бидејќи ќе не остави без одбрана од предавството на претседателот. Ништо во нашиот Устав не води до заклучок дека можат да бидат отповикани само службени лица кои се на должност“, стои во меморандумот на одборот за отповикување на Трамп на Претставникот дом.

Трамп е обвинет дека повикал на протест во Вашингтон, дека предизвикал бес меѓу насилниците и дека упатил „наполнета пушка“ кон зградата на американскиот Конгрес.

Претходно денес, правниот тим на Трамп испрати барање до Сенатот да го одбие барањето за отповикување, наведувајќи дека некој што не е во официјална позиција не може да биде отповикан.

Слични содржини