Серија закани за бомби во Германија

од Stefanija Kuzmanovska

Неколку институции во Берлин известиле дека добиле закани за бомби, откако слични закани беа упатени до неколку училишта и медиуми во други делови на Германија во понеделникот и рано денеска.

Полицијата денеска соопшти дека на удар била главната железничка станица во Берлин. Железничкиот оператор „Дојче Бан“ во текот на ноќта добил заканувачка е-пошта, изјави утрово портпаролката на полицијата.

Полицијата потоа ги засилила силите на Централната станица и ја проценувала состојбата на опасност. На крајот се воспоставило дека патниците не се во животна опасност.

Полицијата објави и дека телевизиската станица РТЛ и куќата Вили Брант, седиштето на Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц, исто така биле изложени на закана за бомба.

Била повикана Државната канцеларија за криминалистичка полиција, но полицијата засега не соопштува дополнителни детали.

Закани биле упатени до бројни училишта низ Германија, како и до радио станиците и јавната телевизија ЗДФ. Во некои случаи, полицијата ја наведе палестинската милитантна група Хамас како извор на заканите.

Последните денови безбедносната ситуација во Германија е тензична поради војната во Израел, а подигнат е и степенот на заштита на објектите кои припаѓаат на еврејската заедница.

Слични содржини