На 4 октомври 1990 година на американската телевизиска мрежа Фокс премиерно беше прикажана серијата „Беверли Хилс, 90210“. Создадена од Дарен Стар, а продуцирана од легендарниот Арон Спелинг, оваа серија брзо стана глобален феномен, освојувајќи милиони гледачи ширум светот.
„Беверли Хилс, 90210“ ги долови животните авантури и предизвици на група тинејџери кои растеа во гламурозната средина на Беверли Хилс. Пријателството, љубовта, семејните односи и секојдневните проблеми со кои се соочуваа младите станаа дел од животот на многумина гледачи. Серијата траеше десет сезони и заврши во мај 2000 година, оставајќи длабок печат како културен феномен.
Главните ликови, толкувани од млади и привлечни актери, беа неизоставен дел од успехот на серијата. Џејсон Пристли го играше Брендон Волш, моралниот компас на групата, додека Шенон Доерти беше неговата бунтовна сестра Бренда Волш, чиј лик честопати предизвикуваше конфликт, но остануваше блиска со публиката. Џени Гарт се истакна со улогата на Кели Тејлор, која помина низ бројни лични и општествени промени.
Лук Пери, кој го толкуваше Дилан Мекеј, беше омилениот бунтовник со комплексна личност. Иан Зиринг (Стив Сандерс), Габриел Картерис (Андреа Цукерман), како и Тори Спелинг (Дона Мартин) и Брајан Остин Грин (Дејвид Силвер) го збогатија серијалот со свои интересни ликови и приказни. За жал, неколку од актерите веќе ги нема. Шенон Доерти почина во 2024 година по долга и сериозна болест, а Лук Пери почина во 2019 година од мозочен удар.
Серијата не беше само забава – „Беверли Хилс, 90210“ се занимаваше со важни теми како злоупотреба на дрога, алкохолизам, насилство, идентитет и љубовни проблеми. Ова реалистично и емотивно прикажување на тинејџерските проблеми ја направи серијата релевантна и долготрајна. Зошто „Беверли Хилс, 90210“ стана иконска?
Уникатната комбинација на харизматични актери, емоционално наситени заплети и општествено значајни теми создаде серија што остана во срцата на гледачите. Повремените повторни средби на актерите и спин-оф сериите како 90210 (2008-2013) и BH90210 (2019) само го зацврстија статусот на оригиналната серија како културен симбол на 90-тите.
„Беверли Хилс, 90210“ и денес се сеќава како еден од најважните и највлијателните телевизиски серии на своето време, инспирација за многумина кои во неа најдоа одговори и поддршка за своите сопствени животни дилеми.