„Фајненшл тајмс“ објави дека еден од директорите на „Nissan“, Ашвани Гупта, бил под надзор поради преиспитување на ревидираниот договор со Renault. Незаконски надзор над неговата работа наводно вршел извршниот директор на јапонската компанија, Макото Учида.
Nissan ги истражува наводите дека извршниот директор, Макото Учида, го прислушувал Ашвани Гупта, оперативниот директор на јапонската компанија во заминување. Според изјавата дадена од Хари Нада, висок советник во Nissan, следењето било обид да се добијат информации кои би довеле до смена на Гупта од една од најважните менаџерски позиции, бидејќи Учида го гледал својот соработник како пречка за постигнување нов договор со Renault.
Тврдењата од надзорот, првпат објавени од „Фајненшл тајмс“, Нада ги изнесе на 19 април во писмо до независните директори на одборот на јапонскиот производител на автомобили. Според Ројтерс, кој исто така добил копија од писмото, Нада тврди дека Учида го надгледувал Гупта „неодредено време“. Писмото, исто така, дава информации во врска со поделбата меѓу високото раководство на Nissan во врска со односите со Renault и загриженоста околу трансферот на интелектуална сопственост.
Гупта, кој стана главен оперативен директор на Nissan во 2019 година, ги изрази своите сомнежи за ревидираниот договор со Renault. Учида, кој сакал да го финализира договорот, го ставил под надзор затоа што наводно сакал да најде информации кои би го елиминирале Гупта од неговата лидерска позиција. Гупта го најави своето заминување од Nissan на почетокот на овој месец, а главниот оперативен директор на Nissan одигра голема улога во планот за пресврт на јапонската компанија, насочен кон рационализација на операциите и се смета за фаворит за позицијата извршен директор.
Nissan не ги потврди ниту негира наводите за прислушување, но беше најавено дека во моментов се врши проверка на фактите и спроведување на одредени дејствија. Поради овој скандал и заминувањето на Гупта од Nissan, многумина сметаат дека идното управување и соработката на компанијата со Renault се доведени во прашање. Се очекува Nissan наскоро да објави детали за промените во менаџментот кои ќе укажат на насоката што тие имаат намера да ја преземат во иднина.