Американскиот експерт за Балканот, Даниел Сервер денес изјави дека Србија треба да се согласи на членството на Косово во Обединетите нации и да воспостави формални односи со Приштина на дипломатско ниво, и дека САД, Велика Британија и ЕУ мора да инсистираат на интегритетот на БиХ и уставни измени.земји.
На неговиот блог „Peacefare.net“, Сервер предложи свој „нон-пејпер“ за Западен Балкан, во кој тој изјави дека суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји во регионот се несомнени, инсистирајќи на почитување на правата на малцинските народи.
„Важно е западот да дејствува сега, бидејќи создавањето проблеми на Русија и кинеското финансирање ја поткопуваат демократизацијата на Србија, ги обновуваат регионалните амбиции на Белград, ја ослабуваат државноста на Црна Гора и Босна. Ако регионот остане во сегашната состојба, можеме да очекуваме растечка нестабилност, етнички конфликти, слабост на државите, зголемена миграција на население и растечки авторитаризам“, напиша Сервер.
Тој оцени дека дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ не донесе скоро никаков напредок во изминатите осум години, пред се затоа што беше попречен од поделбите меѓу Вашингтон и Брисел.
„Нема потреба да брзаме да го заживееме дијалогот. Претседателот (на Србија) Александар Вучиќ, јасно рече дека нема да го признае Косово како независна и суверена држава пред следните претседателски избори во Србија, пролетта 2022 година. Дотогаш, ќе треба една година да се подготви теренот во ЕУ, како и во Србија и Косово, за нормализирање засновано врз взаемно признавање“, рече Сервер.
Тој посочи дека Србија треба да го искористи тоа време за далеку посериозна дебата за тоа „како и зошто го изгуби својот суверенитет над Косово“ под водство на поранешниот лидер Слободан Милошевиќ и зошто тоа не може да биде вратено.
Во Косово, таа година треба да се искористи за далеку посериозна дискусија за обезбедување на правата на српското население и Српската православна црква, но и за тоа зошто унијата со Албанија не е само лоша идеја, туку и деструктивна, додаде Сервер.
„Дијалогот спонзориран од ЕУ треба да продолжи кога обете страни се подготвени, но само ако се подготвени за меѓусебна поддршка, наместо да се поткопуваат едни со други на секој чекор, како што прават денес“, рече Сервер.
Според него, нема надеж дека Босна и Херцеговина ќе може да стане пофункционална држава без уставни измени, што треба да го ослабне, ако не и го елиминира, задушувањето во управувањето на етнички дефинирани партии.
„Патот напред е посочен во одлуката на Европскиот суд за човекови права во случајот Сејдиќ-Финци и другите пресуди на судот. Сите поединци мора да имаат право на каква било позиција во државата, без оглед на етничката припадност, и сите граѓани треба да имаат право да гласаат за кого сакаат, без оглед на етничката припадност“, рече Сервер.
Тој изјави дека треба да се отстранат аранжманите за поделба на власта во БиХ, кои обезбедуваат моќ на етнички дефинирани политички партии, заедно со непотребните нивоа на управување што генерално постојат за да се обезбеди покровителство и можност за корупција за овие политички партии.
Тој додаде дека тоа треба да го спроведе високиот претставник во БиХ, со недвосмислена поддршка од Соединетите држави, Велика Британија и ЕУ, кои треба решително да се спротивстават на антидемократските интервенции на соседните земји.
Сервер, исто така, изјави дека треба да се работи на целиот Западен Балкан за да се намалат бариерите за трговија, движење на луѓе, услуги и инвестиции.
„Единствениот регионален пазар не е замена за пристапување во ЕУ. Тоа ќе ја подобри конкурентноста, ќе ги зголеми приходите и ќе ја зајакне меѓузависноста, додека чека да се подобрат условите за проширување на ЕУ. Ќе дојде тој ден: откако ќе помине пандемијата на коронавирусот и придружната рецесија, Европа ќе бара поевтина работна сила и зголемена конкурентност, како што беше случајот во Источна Европа по падот на Берлинскиот ѕид. Балканот е очигледен извор. Балканските држави што не се членки на ЕУ сега треба да се подготват за тоа“, напиша Сервер.