Бројот на загинатите во стампедото во Сеул се искачи на 154, уште 149 лица се повредени, од кои 33 се во тешка состојба, а меѓу загинатите има државјани од најмалку дваесет земји.
Јужнокорејските истражители почнаа денеска да ги прегледуваат снимките од повеќе од 50 државни и приватни камери, како и од социјалните мрежи, барајќи одговори за тоа како огромниот пораст на бројот на посетители на прославата на Ноќта на вештерките доведе до трагедијата во која загинаа толку многу луѓе, објави „Ројтерс“.
Премиерот Хан Док-су вети темелна истрага, а властите рекоа дека се фокусирани на реконструкција на настаните и испитување дали некој може да биде одговорен за она што се случило.
Трагедијата се случила во саботата вечерта за време на прославата на Ноќта на вештерките, кога во еден момент неколку стотици луѓе се нашле на удолница, во тесна уличка широка само четири метри, од каде не можеле да се тргнат ниту да излезат, па почнале да паѓаат еден преку друг, објави агенцијата „Џонап“.
Стампедото започнало кога луѓето почнале да паѓаат еден преку друг како „домино“ и да се натрупуваат еден врз друг во метежот поради гужвата, поради што многумина не можеле да добијат воздух или биле прегазени, велат очевидци.
Ова е најголемата трагедија во Јужна Кореја од 2014 година, кога потона траект и се удавија 304 лица, главно средношколци.