Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол предупреди на можноста за досега невиден заеднички одговор со сојузниците доколку Северна Кореја продолжи да тестира нуклеарно оружје и ја повика Кина да помогне во одвраќањето на Пјонгјанг да се занимава со развој на такво оружје и проектили.
Во интервју за „Ројтерс“, Јун ја повика Кина, најблискиот сојузник на Северна Кореја, да ги исполни своите обврски како постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Тој рече дека доколку Пекинг не го стори тоа, последиците ќе бидат поголем прилив на воени средства во регионот.
„Она што е сигурно е дека Кина има способност да влијае на Северна Кореја, а Кина има одговорност да се вклучи во процесот. На Пекинг е да одлучи дали ќе го изврши тоа влијание заради мирот и стабилноста“, изјави Јун за британската агенција.
Според него, дејствијата на Северна Кореја доведоа до зголемување на трошоците за одбрана во земјите ширум регионот, вклучително и Јапонија, и до поголемо распоредување на американски воени авиони и бродови. Во интерес на Кина е да направи „најдобри напори“ за да ја охрабри Северна Кореја да се денуклеаризира, рече јужнокорејскиот претседател.
Запрашан што би направиле Јужна Кореја и нејзините сојузници, САД и Јапонија, доколку Северна Кореја изврши уште една нуклеарна проба, Јун рече дека одговорот „ќе биде нешто што досега не е видено“, но одби да прецизира што ќе значи тоа.
„Би било крајно неразумно Северна Кореја да изврши седма нуклеарна проба“, изјави тој за „Ројтерс“.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун оваа недела објави дека неговата земја има намера да ја создаде најмоќната нуклеарна сила во светот. Јужнокорејските и американските власти велат дека Пјонгјанг најверојатно се подготвува да продолжи со тестовите за нуклеарно оружје за првпат од 2017 година, наведе „Ројтерс“.