Првата самоуправувачка автобуска линија има за цел да ја подготви јавноста за идното и автономно возење.
Новото возило не личи на обичен автобус. Целосно е симетричен, со заоблени краеви и големи прозорци кои го прават да изгледа повеќе како играчка отколку како најсовремена форма на транспорт.
„Овој вид дизајн е намерен“, рече Јеонг Сеонг-гјун, шеф на проектот за автономно возење во стартапот 42 Dot, кој сега е во сопственост на јужнокорејскиот Hyundai.
„Тоа е иднината“, изјави тој за АФП, додавајќи дека таков автобус бара „нов вид на извонреден дизајн“.
„Автобусот малку личи на Lego бидејќи е направен од композитни делови за да ги намали трошоците и да го олесни реплицирањето“, објаснува Јеонг.
Според него, целта на компанијата била во иднина технологијата да биде евтина, безбедна и лесно пренослива на многу видови возила, на пример возила за испорака.
Засега, пак, со надзор на возачот, автобусот сам ќе вози по новата кружна рута долга 3,4 километри во центарот на Сеул, која ќе трае приближно 20 минути.
Патниците можат да влезат на една од двете назначени постојки, откако ќе резервираат бесплатно место преку апликацијата. Автобусот користи камера и ласер наместо скапи сензори за навигација, додаде Јеонг.
На денот на воведувањето на новата автобуска линија, во петокот, многумина минувачи изгледаа заинтригирани од дизајнот на автобусот. Застанаа да го фотографираат и да ѕирнат внатре.
„Се чувствувам како да сум скокнал во временска машина возејќи се во иднината“, коментираше Ким Ји хае-ран (68) по возењето.