Борбата за старателство на Северина, наводно, ја инспирирала да сними песна за својот син, но тоа ѝ донесе уште неколку правни проблеми.
Таа ја преработила песната „Успаванка за дечака“ на Балашевиќ, но за тоа не побарала дозвола. По тој повод, Балашевиќ се обрати до Северина, но и до јавноста, преку профилот на Фејсбук на својата ќерка Јелена:
„Како младич, прочитав сè од Хемингвеј. Приказната за старецот и морето ме умори, но подоцна ја сфатив, кога го гледав филмот снимен по книгата, со Спенсер Трејси. Не беше којзнае што да се гледа црно-бел филм за океанот, но од таму ја научив најважната лекција за уништувањето.“
Во продолжението на своето обраќање, Балашевиќ го спомнува неговиот син Алекса.
„Алекса се роди 1995 година. Старата куќа се рушеше тоа лето и Оља со него и нашите ќерки мораше преку ноќ да си отиде од под покривот кој протекуваше. Во тие темели ја изградив ‘Успаванка за дечака’. За мојата единствена љубов, наместо рози од ползавецот врз кој се урна чардакот. За неа и малиот Алекса, за Лола и за Беба. За нашите три лавчиња.
Не знам дали во некој хороскоп постои година на крадци?“, пишува Балашевиќ, спомнувајќи ги оние кои без срам препејувале негови песни и се нарекувале себе „трибјут“.
„И додека го пишувам ова сигурно некој веќе изведува некоја моја песна, но за среќа публиката го разликува вистинскиот Балашевиќ од оние кинеските. Но, со ‘Успаванка’ е нешто сосема друго…
Таа е премногу лична. И немојте да ми велите дека сите се лични. Едно е ако некој изеде копан додека трае ‘Ал се некад добро јело’, а друго е кога за еднократна употреба ќе искористи стихови од една колевка.
Таа песна е лична, како мал сребрен чешел кој не се провлекува низ сечија коса. Едвај ја испеав на пробата во Виена, се кршев, не можев ниту да се помрднам, ниту да изговорам збор. Беба тогаш беше тешко повредена, војската ме пушти на два дена преку граница, измислив концерт за да можам да извадам потврда и да си го видам семејството. Тие денови го срушија и третиот мост во Нови Сад, сè се рушеше, а ние сите останавме заспани.
На еден режисер му простивме што филмот го наслови исто како песната. Не ни знаеле дека има таква песна. Сакаа да ја искористат нумерата, не дозволив, но не проверив дали ме послушале.
Но, едно е сигурно: Во животот најдобро поминуваат оние кои се потпираат на воспитувањето. А она другото…
Затоа, нема да зборувам за случаи и поводи…
Медиумите се преплавени со сензации и скандали, а јас следам само до каде луѓето може да се воздигнат, но не и колку ниско може да паднат.
На крајот, Судот ќе одлучи за нечие авторско право, плагијат или старателство. И да, иако на многумина сум им Закон, одамна ми е јасно дека не сум Суд… За жал.
Затоа што да сум, одамна ќе им пресудев на сите тие профили лажно отворени од мое име. Наскоро веќе ништо нема да може да се објави без моја дозвола.
А што се однесува на старецот од почетокот на приказнава, секоја му чест, но овој рибар секогаш лови голема риба кога ќе исплови.
Затоа и сега заслужува ситнежот да го остави на мира“, напиша Балашевиќ.