Северна Кореја истрела нова балистичка ракета

од Vladimir Zorba
227 прегледи

Северна Кореја истрела балистичка ракета крај нејзиниот источен брег во неделата, неколку дена откако Пјонгјанг организираше артилериски вежби со боева муниција во близина на нејзината поморска граница со Јужна Кореја, соопшти Сеул.

„Северна Кореја истрела неидентификувана балистичка ракета кон Источното Море“, се вели во соопштението на началникот на Генералштабот на Јужна Кореја.

Во средата севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја опиша Јужна Кореја како „главен непријател“ на земјата.

Јапонската крајбрежна стража соопшти дека станува збор за „предмет, потенцијално балистичка ракета, лансирана од Северна Кореја“, повикувајќи се на информации од Министерството за одбрана на земјата, и побара од бродовите да бидат претпазливи.

Последната ракета што Северна Кореја ја лансираше на 18 декември беше ракетата од класата Хвасонг-18, најнапредната што ја има, а беше истрелана во Јапонското Море.

„Конечно дојде историскиот момент кога треба да ја дефинираме (Јужна Кореја) како најнепријателска земја кон (Северна Кореја)“, рече Ким, нарекувајќи ја Јужна Кореја „наш главен непријател“.

„Коментарите означуваат промена во политиката на Северна Кореја и навестуваат дека Пјонгјанг ќе заземе построг став во иднина, велат аналитичарите.

Минатата година Северна Кореја го запиша статусот на нуклеарна сила во својот устав и лансираше неколку интерконтинентални балистички ракети, што ги прекрши резолуциите на ОН.

Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемуваат откако Пјонгјанг во ноември го лансираше својот прв воен шпионски сателит.

Во декември, Северна Кореја соопшти дека ја тестирала својата најнова интерконтинентална балистичка ракета за да ја процени воената подготвеност на нејзините нуклеарни сили во светло на растечкото непријателство со САД.

Во исто време, Вашингтон и неговите сојузници почнаа да работат со систем за споделување податоци за проектили во реално време.

Слични содржини