Северна Кореја ја прекинува секоја економска соработка со Јужна Кореја

од Stefanija Kuzmanovska
263 прегледи

Врховното народно собрание на Северна Кореја се изјасни за укинување на сите договори за унапредување на економската соработка потпишани со Јужна Кореја, јави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА, наведувајќи дека односите меѓу двете Кореи забрзано се влошуваат.

Собранието во Пјонгјанг, кое презема формални чекори за официјално усвојување на политиките диктирани од владејачката Работничка партија, гласаше за укинување на сите закони кои ги регулираат економските врски со официјален Сеул, вклучително и специјалниот закон за функционирање на туристичкиот проект „Планината Кумганг“, пишува „Ројтерс“.

Туристичките посети на оваа планина претставуваа почеток на економската соработка во периодот на активните односи меѓу двете Кореи во раните 2000-ти и привлекоа речиси два милиона посетители од Јужна Кореја.

Проектот беше прекинат во 2008 година, откако турист од Јужна Кореја залута во забранетата зона каде што беше убиен од севернокорејските сили.

Северот ја продлабочува изолацијата

Јужнокорејското министерство за обединување, кое се занимава со односите со Пјонгјанг, соопшти дека постапката на Северна Кореја не е изненадувачка и само ќе ја продлабочи нејзината изолација. Сеул не го признава унилатералниот потег, додаде официјалниот претставник.

Во извештајот на КЦНА не се споменува посебен севернокорејски закон со кој се регулира уште еден голем заеднички економски проект, Индустриската зона Каесонг, во која во својот врв беа сместени фабриките на 125 јужнокорејски компании кои вработуваа 55.000 севернокорејски работници.

Компаниите се повлекоа и фабричката зона беше затворена во 2016 година кога Сеул го суспендираше проектот по петтата нуклеарна проба на Северна Кореја и лансирањето балистичка ракета со долг дострел.

Во јануари, Јужна Кореја затвори државна фондација која го поддржуваше развојот и функционирањето на индустриската зона Каесонг, што во тоа време се сметаше како знак дека Сеул верува дека проектот нема да биде оживеан.

Северна Кореја сега наведува дека го смета својот јужен сосед за воен непријател и минатата година се повлече од воениот пакт потпишан во 2018 година, чија цел е да ги деескалира тензиите во близина на границата воспоставена на крајот на Корејската војна во 1953 година.

Слични содржини