Северна Кореја денеска по воздушен пат испушти околу 100 балони со ѓубре во Јужна Кореја, втор ден по ред ваква провокација, соопшти јужнокорејската војска.
Како што јави новинската агенција Јонхап, околу 60 товари со отпад паднале околу делови од Сеул и провинцијата Ѓеонги, по последното фрлање што започна рано утринава.
Како што беше соопштено, товарите се состојат од ѓубре од домаќинството – хартија, најлонски кеси и шишиња, а не се откриени опасни материи.
Од крајот на мај, Северна Кореја испрати повеќе од 5.000 балони преку границата во Јужна Кореја.
Во своето претходно лансирање, во понеделникот Северна Кореја испрати околу 120 балони со ѓубре.
„Ќе одговориме силно, не само на местото на потекло на кампањата, туку и на силите за поддршка и команда. Сметаме дека Северна Кореја ја премина границата во врска со провокациите со балони за ѓубре“, изјави министерот за одбрана Ким Јонг-Хјун за време на говорот на собраниската седница.
Тој им се извини на луѓето за зголемените непријатности предизвикани од балоните од Северна Кореја, наведувајќи дека војската ќе го разгледа најдобриот одговор, имајќи ја пред сè безбедноста на населението.
Тој го повика парламентот да донесе резолуција со која се осудува кампањата со ѓубре и најави „строга“ воена акција доколку севернокорејската кампања со балони за отпадоци предизвика сериозна штета на јужнокорејскиот народ.