Северна Кореја трет ден по ред, не одговора на редовните контакти преку интеркорејската воена телефонска линија, соопштиле претставници на јужнокорејското Министерство за одбрана.
Официјалните лица информирале дека го побарале Пјонгјанг преку воената телефонска линија денеска во 9 часот и 16 часот, но никој не одговорил на повиците, објави Блумберг.
„Редовните повици не се во тек поради неутврдена причина од северната страна“, изјавил во саботата воен претставник.
Функционерот истакнал дека ќе ја следи ситуацијата, оставајќи ги отворени сите можности, вклучително и технички проблем на северната линија.
Двете Кореи обично разговараат по телефон два пати на ден, користејќи го каналот на заедничката канцеларија за врски и нивниот воен канал.
Каналот на канцеларијата за врски работи само во работни денови, додека воениот канал работи и за време на викендите.
До прекин на комуникацијата дојде во време на зголемени тензии на Корејскиот полуостров по севернокорејските тестови на оружје во знак на протест против заедничките воени вежби меѓу Јужна Кореја и САД.
Пјонгјанг не одговори на редовна телефонска линија минатиот јуни, очигледно поради технички проблеми предизвикани од обилните дождови.
Северна Кореја ја врати меѓукорејската „жешка линија“ во јули 2021 година, околу една година откако го прекина каналот за контакт во знак на протест против кампањата на активистите од Сеул со летоци кои го критикуваат Пјонгјанг.
Врската повторно била прекината во август истата година, за подоцна да биде обновена, пренесува Танјуг.