Севернокорејски хакери украле околу 400 милиони долари во криптовалути минатата година

од Vladimir Zorba
290 прегледи

Севернокорејските хакери продолжија со своите активности во 2021 година, кои во последниве години вклучија напади врз различни сервиси за размена на криптовалути, централизирани менувачници, инвестициски куќи или DeFi платформи. Со користење на мамки за „фишинг“, пронаоѓање безбедносни пропусти, користење на малициозен софтвер и социјален инженеринг, тие успеаја да присвојат речиси 400 милиони долари во различни криптовалути во најмалку седум големи напади, според податоците од анализата на Chainanalysis.

Средствата ги сменија адресите од различни „hot wallet“ корисници во оние за кои се смета дека се под контрола на Северна Кореја, а сè, се разбира, се остана запишано на блокчејнот. Откако криптовалутите беа украдени, започна процесот на нивно „перење“, за да им се покријат трагите и на крајот да се претворат во класични валути.

Во текот на изминатата година, забележано е зголемување на хакерската активност од Северна Кореја, велат аналитичарите. Според објавените податоци, нивна рекордна година била 2018 година, кога во десет напади биле украдени околу половина милијарда долари, а потоа веќе две години имало релативен пад, како во бројот на напади, така и во количината на украдени криптовалути.

Минатата година хакерите на Ким Џонг-ун се концентрираа на етер, кој сочинува 58% од украдените монети, а уделот на биткоинот како цел на хакерите падна на околу 20%. Останатите се ERC-20 токени и други алткоини. Зголемено е и користењето на т.н „миксери“, софтвер кој ги прикрива трансакциите влечејќи ги низ илјадници адреси, со цел да се покрие трагата на парите.

Аналитичарите на Chainanalysis заклучуваат дека сите нивни анализи потврдиле дека Северна Кореја е земја која го поддржува криминалот поврзан со криптовалутите, а во голем обем, преку своите хакерски групи, од кои најпознатата се нарекува Lazarus. Поради оваа причина, тие ја посочуваат оваа земја како „многу изразена и постојана закана за крипто-индустријата“.

Сепак, тие исто така посочуваат дека блокчејн транспарентноста е голема предност, бидејќи криминалот може полесно да се открие и анализира, а може да се следи и патот на украдените средства – така што, доколку се укаже можност, може да се замрзнат средствата и да се идентификуваат криминалците.

Слични содржини