Сезоната на собирање габи е во полн ек: Дали печурките се причина за трагедијата во Слатино?

од Илинка Илиоска
37 прегледи

Истражните органи ќе утвруваат дали смртта на мајката и нејзината четиригодишна ќерка, пронајдени во село Слатино, е резултат на убиство или труење со печурки. Докторите денес известија дека на телата на мајката и девојчето биле забележани траги од насилство, како и на телото на нивниот син. Од друга страна, таткото, кој бил прегледан од лекар, не покажувал знаци на физичко насилство и е приведен од страна на полицијата.

Неофицијалните информации укажуваат дека ова семејство живеело во социјално загрозени услови.

Околу 14 часот попладнето, доктор од Теарце пријавил дека бил повикан од мајката на починатата жена, која ги нашла нејзината ќерка (36) и внуката без знаци на живот. На терен веднаш пристигнале полициски екипи, а истрагата е спроведена во соработка со јавен обвинител. Телата на починатите се предадени за обдукција, додека таткото и синот биле префрлени во тетовската болница за медицинска помош. Таткото, по укажаната помош, ќе биде задржан во полициска станица за натамошни процедури.

Меѓутоа, ова не е прв случај на труење со печурки во последните денови.

Д-р Катерина Русевска од Природно-математичкиот факултет во Скопје предупредува дека сезоната на габи носи многу ризици, особено за оние кои собираат печурки во природа.

Сезона е на габи, внимавaјте со отровните печурки!

„Во текот на викендот беше пријавен еден случај со труење на печурки на Клиниката за токсикологија. Благодарение на интервенцијата на докторите од Клиниката, пациентите се во добра состојба. Неколку примероци од печурките беа доставени во Миколошката лабораторија при што беше утврдено дека се работи за заводничка (Omphalotus olearius), еден од видовите кои помалку искусните собирачи на печурки ги заменуваат со лисичарката (Cantharellus cibarius), која е јадлива габа“, алармира д-р Русевска.

Таа посочува дека внимателноста е клучна во ова време од годината и дека безбедноста, а не искуството или брзината на собирање. Тоа треба да биде водечката мисла на сите собирачи на печурки во земјата.

Социјалните мрежи, особено Фејсбук групите, овие денови се полни со објави од собирачи на печурки. Слики на различни видови габи, како и прашања за нивната јадливост, се споделуваат секојдневно.

Сепак, не секој совет е пријателски, а некои коментари, како „само еднаш се јаде,“ алудираат на отровноста на видовите, но без да понудат корисни насоки или детални објаснувања.

Во таа насока, д-р Катерина Русевска, редовен професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истражувач во Миколошката лабораторија, потсетува на важноста на правилното идентификување на печурките.

„Не постои единствено правило за препознавање на јадливите и отровните видови. Секој вид носи свои карактеристики, но за да се знае дали е безбеден за консумирање, потребно е темелно познавање на микроскопските и макроскопските особини,“ изјави таа, посочувајќи на потребата од голема претпазливост и искуство.

Д-р Русевска во разговор со  „Локално“ посочи дека кај нас има околу 2,000 видови габи, од кои само околу 200 се безбедни за консумирање, а 120 се отровни.

„Најопасната печурка што се среќава во Македонија е зелената пупавка (Amanita phalloides), чие консумирање дури и во мали количини може да биде смртоносно.

За неискусните собирачи, оваа печурка може да изгледа како шампињон, што ја прави особено опасна,“ предупредува таа, истакнувајќи дека овие смртоносни печурки често растат на рабовите на шуми и може да ги измамат аматерските собирачи.

Освен зелената пупавка, пантерката (Amanita pantherina) е исто така високо токсична, со нејзината кафена шапка со бели лушпи. Секој од овие видови бара стручно знаење за правилно препознавање.

За дел од видовите се потребни и лабораториски анализи за целосна сигурност, а во Миколошката лабораторија на Институтот за биологија се вршат и молекуларни анализи за посложени случаи на идентификација.

И.И.

Слични содржини