Луис Хамилтон се откажа од надежта дека ќе се вклучи во трката за титулата во 2022 година по една од најлошите трки во неговата 16-годишна кариера.
Седумкратниот светски шампион заврши на 13-тото место на трката за ГН на Емилија Ромања во Имола, со круг заостанување зад победникот Макс Верстапен и девет места зад тимскиот колега од Мерцедес – Џорџ Расел. „Сезоната во Ф1 за мене e завршена“, тоа го кажа поранешниот шампион и се откажа по само четири трки.
Серхио Перез беше втор и така Ред Бул ја обезбеди првата двојна победа по шест години, додека Шарл Леклер од Ферари заврши на шестото место по свртувањето на патеката, на девет круга пред крајот.
Грешката на Леклер му овозможи на Ландо Норис да ја помине целта трет.
Верстапен е опасно блиску до Леклер, кој не го издржа притисокот на патеката „Енцо и Дино Ферари“ во Имола, со својата втора сезонска победа, како и со осум бода во саботната спринтерска трка и дополнителен бод за најбрз круг. Но, за Хамилтон, најодликуваниот возач во Формула 1, сезоната заврши практично без ниту да започне. Тој има 58 поени помалку од Леклер, а е само трет најбрз Британец, зад Расел и Норис.
– Беше тешко, беше комплицирано … не знам што да кажам. Дефинитивно не ми е лесно – призна 37-годишниот Хамилтон.
Честа на Мерцедес ја спаси Џорџ Расел, кој заврши четврти.
– Џорџ успеа да го спаси викендот. Им се извинувам на сите што не можам да направам ни приближно до неговиот резултат. Сега немам шанси да ја освојам осмата титула, надвор сум од трката и тоа на сите им е јасно. Ова беше викенд во Имола за заборав – додаде Луис Хамилтон.
Навистина, тешко ни е да се сетиме на викенд во кој Хамилтон бил толку без темпо и толку инфериорен во однос на својот клубски колега. Тој се квалификуваше и заврши зад Расел во саботниот спринт, за да ја заврши трката со една минута зад младиот возач кој, очигледно, повеќе не сака да биде „број 2“ во Мерцедес.
И покрај тоа што надополни неколку места на стартот, претпазливиот Хамилтон ја одби можноста да се префрли на „сликови“ кога патеката почна да се суши. После тоа, тој заглави зад Пјер Гасли, кој по трката рече: „Воопшто немав проблем да го задржам Хамилтон зад себе“.
Хамилтон возеше 43 круга зад Гасли, без да може посериозно да го нападне. Во 41 обиколка, беше поминат од Верстапен за цел круг.
Шефот на Мерцедес, Тото Волф, изјави дека „машината“ откажала, но малкумина ја проголтаа неговата приказна, особено што Расел има идентичен автомобил.
– Луис заслужува подобро од нас. Мораме да му обезбедиме машина со која може да се бори за победа. Автомобилот во Имола не можеше да се вози. На некој начин, морам да го заштитам Луис, тој е најдобриот возач на светот. А дали е осми, 12-ти или 15-ти е сосема небитно. Се беше лошо – призна на крајот Тото Волф.
Следната петта трка ќе се вози во Мајами, на 8 мај во 21.30 часот по локално време.