Министерството за труд и социјална политика интензивно работи и на новиот системски Закон за работните односи, за кој ќе биде отворена широка општествена дебата, изјави денеска министерката Шахпаска, на седница на Социјално-економскиот совет, која се одржа по повод Меѓународниот ден на трудот.
„Новиот Закон за работните односи ќе биде квалитетно и применливо законско решение, кое ќе одговори на предизвиците на денешницата и на потребите на работниците и работодавачите. Работиме на модерни и ефикасни решенија за договорите за вработување, работата од дома и од далечина, сезонската работа, прецизирање на договорите на определено време, како и доуредување на прашањето за работното време, како и ноќната работа. Ќе понудиме целосно ново решение за мајчинското и родителското отсуство“, истакна министерката Шахпаска и додаде дека решението ќе биде во интерес на новороденчињата, во интерес на семејството, на родовата еднаквост и целосно во согласност со директивите на ЕУ и меѓународните стандарди на трудот.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, образложи дека со новите измени во Законот за работните односи во породилното отсуство од работа, породилното отсуство би било околу 12 месеци, од кои 5 месеци се предвидени како задолжително отсуство на мајката. Остатокот ќе може да се комбинира со таткото.