Во своето гостување во „Топ тема“, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, посочи за тоа што содржи драфт верзијата за законските регулативи во однос на недела-неработен ден.
„Во драфт верзијата стои дека ќе бидат преземени прекршочни санкции за оние кои нема да ги испочитуваат законските регулативи за недела-неработен ден. И во законот и колективниот договор, се предвидуваат надоместоците за работниците. Освен алатката да биде на терен Државниот инспекторат за труд и санкциите, нам не ни преостанува ништо друго. Ние не работиме на популизам, работиме на работничките права и семејните традиционални вредности. Во недела ќе работи минималниот потребен персонал, во сите гранки во кои е неопходен исклучокот од ова законско решение. Работодавачите пак, треба да направат реорганизација во својот работен процес“, истакна Шахпаска.