Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска на прес-конференција го претстави Предлог-Граѓанскиот буџет на Министерството за труд и социјална политика за 2022 година, кој целосно ги одразува заложбите и приоритетите на министерството – адресирање на потребите на граѓаните со акцент на ранливите категории.
Министерката Шахпаска потенцираше дека од буџетот на министерството се обезбедуваат исплатата на социјалните надоместоци, правата од детска заштита, обезбедувањето на старите лица, исплатата на пензиите, како и мерките за вработување.
„Вкупниот буџет на Министерството за труд и социјална политика, за наредната 2022 година изнесува 50.6 милијарди денари. Покрај исплата на парични права и услуги од системот на социјална заштита, Министерството за труд и социјална политика вложува и во изградба на нови и реконструкција и проширување на постојни капацитети од детска и социјална заштита. Во Предлог-буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2022 година средствата наменети за капитални инвестиции се зголемени за скоро 100%. За капитални инвестиции за 2022 година, планирани се 195.480.000 денари, од кои за градежни работи 177.025.000 денари, а за опремување 18.455.000 денари”, рече министерката Шахпаска.
Таа истакна дека предучилишното образование е многу важно за правилен раст и развој на децата на возраст од 0-6 години. И затоа вложувањата на министерството се насочени кон изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на постојните.
„Следната година ќе заврши изградбата на отпочнатите 10 детски градинки: во Чаир за 350 деца, Росоман 30 деца, Ерџелија 70 деца, Карпош 100 деца, Битола 150 деца, Липково 102, Арачиново 102, Пробиштип 72, Валандово 57 и Крива Паланка 102 деца. Со градба отпочнува градинката во Гостивар за 100 деца, а преку средства обезбедени со ИПА фондови веќе се склучени договори и почнува изградбата на градинките во Тетово 250 и Теарце 200 деца. Во моментов во тек е и подготовката на новата програма за изградба на нови детски градинки”, информираше министерката.
Таа се осврна и на изградбата на домот за стари лица, „Нада Михајлова” во Пробиштип со капацитет за 55 корисници. Како и двата Дневни центри за лица со попреченост во Општина Чашка и село Палчиште, Општина Боговиње.
За непречено функционирање на детските градинки како и за згрижување на старите лица во домови за стари лица, предвидени се блок дотации во износ од 2.085.201.000 денари.
Министерката посочи дека во буџетот за наредната година за социјалните надоместоци предвидени се 11 милијарди денари, за околу 300.000 корисници.
„Системот на социјална заштита е подготвен да ги апсорбира сите семејства во социјален ризик. Во моментов 35.500 домаќинства се приматели на ГМП. Обезбедени се средства за исплата на детски додаток кој во моментов го користат 47.000 деца и образовен додаток кој го користат околу 30.000 ученици и студенти”, рече Шахпаска.
Како дел од координираниот мултиинституционален пристап во справување со родово базирано насилство, насилство врз жените и семејното насилство, министерката информираше дека во 2022 година се воспоставуваат 5 специјализирани сервиси за жени жртви на родово базирано насилство и семејно насилство во Куманово 1, Кичево 2 и Гостивар 2.
Министерката истакна дека со Предлог-буџетот за 2022 година се обезбедени средства за лични асистенти за лица со попреченост од 6 до 64 години како и социјална сигурност за стари лица-пензија која во моментов ја примаат околу 9.500 граѓани.
Навремени пензии, законски усогласени, за што е предвиден и трансфер од околу 30 милијарди денари кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
„Една од генералните политики на МТСП е намалување на стапката на невработеност, која се реализира и преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. За оваа намена годинава министерството ќе трансферира, 400.000.000 денари на Агенција за вработување на Република Северна Македонија. Целта е активно вклучување на пазарот на трудот на долгорочно невработени лица, ранливите групи, Ромите, жените и младите невработени лица, невработени лица на кои им престанал работниот однос поради пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Продолжува и мерката за субвенционирање на придонеси за зголемување на плати во износ од 2.5 милијарди денари. На овој начин околу 120.000 работници вработени во приватниот сектор ќе добиваат повисока плата”, посочи министерката Шахпаска.
Таа рече дека нашата држава е лидер во регионот во имплементација на младинската гаранција за вработување на млади лица од 15-29 год. Како и дека оваа година продолжува исплатата на младинскиот додаток за млади до 23 години, вработени во производство во висина од 3.000 денари месечно.
Со буџетот за 2022 година министерството продолжува да работи на намалување на невработеноста, која во моментов е на историски најниско ниво од 15.9%, помош и поддршка за најранливите категории на граѓани, сигурни, навремени и пензии кои ќе растат, изградба на нови и проширување на постојни детски градинки, услуги и сервиси за најстарите и во најоддалечените места во земјава”, рече министерката Шахпаска.