Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставниците на Институтот за истражување и политики- Ромалитико кои преку анализи и истражувања креираат политики преточени во проекти со цел зајакнување на ромската популација во нашата држава.
На денешната средба од страна на претставниците на Ромалитико, беше презентиран тригодишниот проект кој има за цел унапредување на положбата на Ромите во нашата држава, преку реализација на поголем број на активности. Во таа насока како такви беа посочени воспоставувањето на нови и зајакнување на функциите во постојните центри за развој (ЦЛД) предводени од заедницата во 20 општини низ целата држава, обезбедување услуги на ромската заедница преку Центар за повици, презентации и предавања од експерти од различни области (човекови права, здравство, образование, социјални услуги, работен однос, заштита на деца итн.) Потоа, воспоставување форуми за деловни клубови под покровителство на центрите на ЦЛД и формирање на работни групи на локално ниво за идентификување на главните проблеми со кои се соочува ромската заедница.
Министерката Шахпаска ја истакна важноста од вклучувањето на Ромите на пазарот на труд, преку информирање за активните мерки и политики на Агенцијата за вработување, потоа обезбедувањето на документи за лична идентификација, на што Министерството за труд и социјална политика активно работи, подигнувањето на јавната свест за вклучувањето на децата роми во предучилишно воспитување и образование и продолжување на образовниот процес. Таа истакна дека ова е еден од начините на реализација на концептот еднакво општество за сите, односно еднакви можности за сите граѓани.
Соговорниците се согласија дека од клучно значење за успешноста на проектот е дирекна комуникација со ромската популација во заедницата каде што живеат, на локално ниво, со цел воспоставување на дијалог меѓу граѓаните од ромска националност и институциите.