Шахпаска: На неформалниот состанок со UNFPA, беше донесен Документот за програмска соработка со РСМ за периодот 2021-25 година

187 прегледи

Министерката за труд и социјална политика , Јагода Шахпаска, како највисoк претставник на Владата на Република Северна Македонија,  учествуваше на Првата редовна сесија на Извршниот одбор на УНДП/УНФПА/УНОПС, одржана на 3 февруари, на која даде силна поддршка  во име на Владата за усвојувањето на Документот на програмата за државата на УНФПА за периодот 2021-2025 година. На овој состанок од највисоко ниво, Регионалната директoрка на УНФПА, Алана Армитаж  ја поздрави Владата на РСМ за бројните  достигнувања во областите на мандатот на УНФПА,a  министерката Шахпаска даде посебен акцент на достигнувањата реализирани преку реформата на системот на социјална заштита, постигнувањата во намалувањето на дискриминацијата на жените , еднаквите можности, мерките и политиките во насока на задржување на младите во земјава.

Министерката Шахпаска на почетокот од своето обраќање ја истакна важноста на одличната соработка со UNFPA, на регионално и глобално ниво кои се должат на заедничките заложби од страна на државата поставени како приоритети и стратегискиот план на UNFPA. Притоа се осврна на најважните прашања во рамките на Програмата за нашата земја која се усвои на овој  состанок.

„Владата на РСМ е целосно посветена на човековите права, недискриминацијата , родовата еднаквост, зајакнување на младите. Северна Македонија продолжува посветено да работи на унапредувањето на родовата еднаквост, која што претставува и дел од Владината програма и нејзина  стратегија во водењето на владините иницијативи. Една од главните цели на оваа програма е промовирање на правата на жените и зголемување на нивното учество во политичкиот, економскиот и јавниот живот, “ истакна министерката Шамхпаска.

Како дел од законските и стратешки иницијативи кои Владата ги донесе изминативе две години, министерката ги посочи,  ратификацијата на  Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство со цел систематско елиминирање на сите форми на насилство врз жените во 2017 годна. Потоа, новиот

Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство донесен 2021 година. Овој закон ги уредува постапките на институциите со должно внимание во заштитата на жените од сите форми на родово засновано насилство и жртвите на семејно насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите.

„Во 2020 година беше донесен нов Закон за спречување и заштита од дискриминација, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и директивите на ЕУ за недискриминација, кој има сеопфатна заштита од дискриминација заснована на пол, род и родов идентитет. Во 2021 година беше формирана новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација, која конечно им овозможи на граѓаните да добијат независно тело за заштита на нивните права од каква било дискриминација,“ истакна минситерката Шахпаска.

Таа го посочи и Законот за прекинување на бременоста од 2019 година кој гарантира дека жените имаат навремен пристап до давателите на здравствени услуги.

„ Со поддршка од UN Women  и European Institute for Gender Equality ( Европскиот институт за родова еднаквост), Северна Македонија во 2019 година го разви својот прв Индекс на родова еднаквост , алатка што покажува напредок постигнат кон родова еднаквост во ЕУ, “ посочи министерката Шахпаска. Таа додаде дека меѓу државите на ЕУ, Северна Македонија во моментов е на 15-то место на индексот во однос на родовата еднаквост.

„Еден од клучните приоритети на земјата во следните години ќе продолжи да биде подобрувањето на можностите за вработување на жените, образованието, елиминирање на насилството, пристапот до високо квалитетни здравствени услуги на национално и локално ниво, креирање на  родово одговорни политики и буџети, “ истакна Шахпаска.  Притоа, додаде дека продолжуваат и реформите во областа на социјалната заштита започнати во 2019 година со усвојување закони и подзаконски акти со цел намалување на стапката на сиромаштија, особено фокусирани на ранливите категории и нивна успешна реинтеграција во општеството.

„Секој има право на еднакви можности,“ порача министерката Шахпаска.

 

Слични содржини